plostad-jasmin-gulabi

РЕЏЕПИ: Гулабите, плоштадите, луѓето и сиромаштијата

Незамислива е метропола без плоштад, како што е незамислив плоштад без гулаби.

Да не правам споредба со европските метрополи, бидејќи се далеку од и пред нас, туку еве со Сараево, мулти-културен град како и Скопје, каде се вкрстуваат и забележуваат европските и азиските вредности. 

 Пишува: Јасмин Реџепи

Ние го имавме големиот и убав плоштад со зеленило и коцка, која на времето Пенов ја замени со босански камен, а во време на Груевски (не го спомнувам Коце зашто не беше негова идејата) белиот мермер кој се валка, со сè непотребните хотели на местото на паркот и спомениците од кои никој нема фајде, туку џабе се троши струја во време кога многу граѓани ја немаат по домовите.
Сараево нема плоштад како нашиот, туку неколку помали, од кои најинтересен е оној кај Себилот на Баш Чаршија. И покрај агресијата и уништувањето во деведесеттите, ништо не е изгубено во автентичноста на стариот град.

Освен интересните дуќани, музеи, џамии, цркви и синагога, препознатлив украс на плоштадот се гулабите. Ги има многу и питоми се. Покрај Себилот секогаш има луѓе кои во фишеци продаваат пченица за оние кои сакаат да ги нахранат гулабите. А кој не би сакал да ужива во едно такво добро дело? Ем им помагаш на луѓето да заработат, ем ги храниш птиците, посебно зиме кога немаат можност за природна исхрана со инсекти.

Во неделата прошетав со семејството низ Паркот Жена Борец, барем тоа што остана од него, обидувајќи се да ги пренесам игрите од моето детство во тој парк на моите ќерки. А битно е да си ги учиме децата дека има забава и вон мобилните телефони. Таму сретнавме една бабичка која јадеше сув леб и паштета, и одвојувајќи од својот прескромен оброк хранеше јато гулаби. Со сопругата веднаш дојдовме до заклучок дека треба да земеме пченица за птиците и храна за бабичката. Децата беа пресреќни додека ги хранеа гулабите, а и бабичката беше благодарна. Да беше друг менталитетот на градов, ќе ѝ оставев неколку кесички да продава пченица, ем да си заработи, ем птиците да ги храни.

Од таму се упативме кон нашиот плоштад. Јатото гулаби и врапчиња колваа трошки покрај клупите. Извадивме уште една кесичка пченка и за миг сите птици се собраа околу нас. Ги повикавме и децата кои беа присутни да се вклучат во хранењето. Плоштадот заживеа од смеењето на децата, од сликањата на младите, од звукот на крилјата на птиците.

Тоа што ми остави негативен впечаток е непочитувањето на минувачите кон радоста на децата. Наместо да ги заобиколат, одеа директно кон нив, плашејќи ги птиците и газејќи ја храната на птиците. Небаре децата им го попречуваат патот а птиците служат за некој да ги плаши за да одлетаат.

И така, споредувајќи ги двата града, двата плоштада и двата менталитета, дојдов до заклучок дека не само што градот ни е нагрден, туку и дека по него се шетаат страшила без ронка разум и емпатија кон вистинската радост на децата, потребата на животните и украсот на еден плоштад.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


four + 1 =

%d bloggers like this: