kk

Политички некоректниот Заев

Добредојден е денот, нему му се поклонуваме, го славиме и тагуваме, ако некогаш на него се осмелиме да го заборавиме.

Оној ден, кога замина за Брисел новиот лидер на ВМРО, Христијан Мицковски, заедно со одбраното друштво во својство на Јеховини сведоци, за мир во светот создадени, напола прекршени од јад и бес со кои се натовариле.

Ах, да, друштвото Јеховино: Влатко Ѓорчев и Александар Николовски, чукнаа, ма не чукнаа, туку треснаа и и ја превртеа масата на Фредерика Могерини во Брисел, револтирани и погодени длабоко во срцето и синџирот на органи врзани за него.

За да се освести комесарката за надворешна политика дека Заев, односно целокупната неспособна и дилетантска Влада во Скопје, не спроведува- не значајни, туку никакви реформи во економија, правосудство и образование, илишоидае побогу.

Среќата е во вмровските тројки, за да докажат на целокупната меѓународна јавност дека тие се потполно свесни за неопходноста од реформски болни, но хируршки прецизни зафати, бла, бла, ова веќе станува здодевно, се откажувам да го дообјаснувам.

Но, во целото шведско здодевно секојдневие околу реформите, се случија апостолски привиденија од рангот на Меѓумурје, кога ненадејно крвта започнува да се слева низ образите на Мала или Голема Госпа (зависно како ја доживувате), а сиот свет се крсти, и и  ги брише очите, крвта, сопствените солзи, затоа што прогледале во тоа тивко предвечерие, пред пеколот да се инсталира пред нив.

Некои се понадеваа на политичка коректност на Заев и им се појави тоа привидение- дека апостолите- спасители на правосудните реформи на Заев, кои тој лично ги одбрал, се претседателот на Врховниот суд- внимавајте, во моментов тоа е Јово Вангеловски и претседателот на Судскиот совет, и тука внимавајте- кој сега го води Зоран Караџовски. Но, ништо не е онака како што изгледа на прв поглед- како вели Заев: “Се е минливо и менливо, така што не гледаме на самите личности… Не се водиме од името и презимето на личностите коишто ги водат институциите”.

Оттука, ако внимателно ја погледнете изјавата на Заев, тој не демантира дека токму Вангеловски и Караџовски би спроведувале судски реформи, но ниту пак потврдува, туку експлицитно најавува “минливост и менливост”, со што јасно навестува дека се отвора пат кон нивно разрешување, или ако подлабински се анализира, допрва следуваат судски процеси во кои не е исклучено некои од нив да бидат главни актери во обвинителната клупа.

Кои се Вангеловски и Караџовски? Во една од бомбите на Заев, екс министерот за транспорт, Миле Јанакиевски и Јово Вангеловски, договараат менување доказ за предметот “Глобал”. Подоцна, СЈО побара изземање на Вангеловски како претседател на Врховниот суд, затоа што е дел од бомбите, а тој јавно призна дека гласот кој се слуша на снимките од бомбите е негов.

Конечно, Советот за утврдување факти кој сега е веќе укинат, побара разрешување на Вангеловски, поради тоа што дозволил да дојде до бегство на Горан Грујевски и Никола Бошковски во Солун.

Зоран Караџовски, меѓу другото е запаметен, како што и некои од судиите тврдат дека ги игнорирал приговорите за рачни местење на судските процеси кај подобни судии, што подоцна се отвори во СЈО и Обвинителството како случај АКМИС.

Потоа, Караџовски изјавува дека е зачуден и фрапиран што “новинарите и самонаречените новинари”, известувале за смените во распоредот на судиите во Основен суд Скопје 1″. Дел од тие исти судии, кои за казна беа распоредувани, изјавуваа овој чин е политичка пресметка, заради нивното прифаќање на предметите на СЈО, кои беа опструирани во Кривичниот суд.

Покрај се ова, секако дека не може да се случи Вангеловски и Караџовски да добиле награда од Заев- претпоставувам оние кои шаховски толкуваат политички потези ја сфатиле како формирањето на воената Влада на Черчил- тој ја приклештил кон себе неговата најсилна опозиција, водејќи се од славната мудра девиза- да се чуваат пријателите блиску, но непријателите уште поблиску.

Штета што ќе пропаднат надежите на  шаховските експерти- дека може да се трансплантираат на телото на Заев и останатите чинители на реформите- актери во бомбите, за да бидат што поблиску, што повеќе прилепени, како две, три, па и повеќе тела на еден ум. Се додека како во генијалниот шведски филм “Квадрат” не експлодира овој врвен експеримент на политичка коректност, и за несреќа на ВМРО, ќе остане само политичката некоректност на Заев, која допрва ќе предизвика крвави солзи кај актерите во бомбите.

Извор:НоваТВ/Биљана Секуловска




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


7 × six =

%d bloggers like this: