protest-solun

Видео: Во живо од протестот во Атина

Под силни безбедносни мерки, со затворени улици и метро станици на плоштадот Синтагма пред грчкиот Парламент ќе се одржи долго најавуваниот протест, за како што најавуваат организаторите „одбрана на името Македонија“.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, од сите краишта на земјата, организирани со автобуси, бесплатно или по цени со 50 отсто попуст, се најавува присуство на голем број Грци во „еднодневна посета“ во грчката престолнина.

-Солун кажа, на ред е Атина да извика: Македонија е една и грчка, порачаа организаторите на протестот во видео повикот, објавен на социјалните мрежи.

Според изјавите на организаторите за грчките медиуми, процените се дека денеска на собирот ќе има најмалку 1 милион граѓани.

На присутните или лично или преку снимена порака со поздравен говор ќе им се обрати познатиот грчки композитор Микис Теодоракис, а говорници ќе бидат и професор по уставно право, тројца митрополити од ГПЦ и претставници на организаторите.

Кои се организаторите на протестот?

Според доделената дозвола од општината Атина, официјален организатор на протестот е „Координативниот комитет на сенационалниот – сенароден протест на Семакедонските сојузи од светот“  со четири претставници: Нина Гаѕули од „Семакедонските сојузи од светот“, Михалис Пацикас од „Термаикос ора миден- непартиски граѓани“,  Јоргос Тациос претседател на „Културните здруженија на Македонија“ и Георгиа Битаку – новинарка, организаторка на протестот.

Четворицата претставници, секојдневно, преку грчките медиуми ги пренесуваа нивните ставови, повици и информации околу протестот. Но, кои се всушност овие организации?

Столб на првата организација се Семакедонските сојузи од САД, а Нина Гаѕули на нивниот официјален сајт ја опишува историјата на организацијата. Формирана е 28 април 1946 во САД, а според весникот „Ефимерида тон синдактон“, создавањето било во рамките на студената војна за борба со внатрешниот непријател во рамките на дијаспората.

Грчките Семакедонски организации и во минатото беа активни кога станува збор за Македонија и прашањето за името, меѓутоа без никој во Грција да им даде посебно значење. Во пресрет на парламентарните избори во Грција во 2012, испратија допис до кандидатите за пратеници за да им порачаат да не се согласат со терминот.

Дел од Семакедонските сојузи од светот е и Семакедонскиот сојуз од Австралија. На нивниот сајт, објавени се и нивните барања. „Културно, етнографски и историски“, ни помалку ни повеќе ги бараат „Битола, Гевгелија, Струмица, Охрид, Крушево, Петрич, Благоевград, Источна Румелија, Истанбул, Анадолија, Кипар, Јужна Албанија..“

„Термаикос ора миден“ – непартиски граѓани“ е движењето што на протестот во Солун се појави како главен организатор. Претставници на движењето се Михалис Пацикас кој бил генерален секретар во движењето „Спита“ на Микис Теодоракис, и Отон Јаковидис, исто така член движењето на грчкиот композитор. Според „Ефимерида тон синдактон“ последниот, на неговиот личен сајт посебно ги истакнува поранешната претседателка на грчкиот парламент Зои Константопулу и Владимир Путин.

Георгија Битаку е една од претставниците на организаторите која во изминатите денови на грчките телевизии говореше за протестот во Атина. Се самоопределува како новинар, а според грчките медиуми, Битаку е организатор на натпревари во боречки вештини „No Limits“ во Грција.

„Грчката федерација на културни здруженија на Македонците“ е исто така меѓу главните организатори. Станува збор за организација формирана во 2014, а како главна цел, според официјалните позиции на нивниот сајт, имаат „зачувување на автентичната македонска традиција како нераскинлив дел од грчката традиција“ и „одбрана на името на името на посебната татковина од псевдо-иредентистичките заговори на странски центри вон Грција“.

На 28 ноември минатата година претставниците на „Грчката федерација на културни здруженија на Македонците“ беа на средба со претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос кога му ја предадоа нивната резолуција во која бараат терминот Македонија да не биде вклучен во името, согласно одлуките од лидерската средба во 1992, а доколку оваа одлука не е повеќе во сила, тогаш бараат распишување референдум. Со средбата со Павлопулос, беше означен и почетокот на нивната кампања „Македонија значи Грција“.

Според организаторите, протестот во Солун чинел 6500 евра, а трошоците за денешниот, се покриени од дијаспората, особено од Грците што живеат во САД, како и од „Македонци, компании и физички лица што сакаа да помогнат.“

Патријархот Вартоломеј повика на трезвеност

Откако Грчката православна црква се изјасни дека го поддржува протестот и повеќепати излезе со националистички ставови, Вселенскиот патријарх и архиепископот на Константинопол Вартоломеј I објави специјално соопштение во врска со преговорите меѓу Скопје и Атина за решавање на спорот.

„Во врска со преговорите за името на ПЈРМ Вселенската патријаршија како Црква-мајка на сите балкански православни цркви ги повикува сите заинтересирани страни да покажат здрава мисла и воздржаност по ова толку критично и чувствително прашање, за да може да биде решено по мирен пат и со разум“, се вели во изјавата на Вселенскиот Патријарх.

Потсетуваме дека интензивни преговори меѓу Република Македонија и Грција се случија во последниве недели. Двајцата премиери, Зоран Заев и Алексис Ципрас, се состанаа во Давос, а меfународниот медијатор Метју Нимиц ги посети двете земји.

Двете страни тврдат дека сега е време да се реши спорот кој 25 години кој го блокира членството на Македонија во ЕУ и во НАТО.

Контрапротест

Паралелно со протестот на плоштадот Синтагма, на оддалеченост од само 800 метри, анархистите подготвуваат контра протест, односно антифашистички собир. Официјалниот почеток е закажан за 12 часот, два часа порано од оној за „Македонија“.

Двата протеста, според медиумите кај јужниот сосед, го вклучија алармот во грчката полиција. Постои страв, загриженост, но и зголемена раздвиженост кај полицијата за да се избегнат евентуални инциденти.

Илјадници демонстранти вчера маршираа во Солун како најава за денешниотво Атина. Демонстрантите 2 часа ги блокираа улиците во градот и побараа во предлогот за решавање на спорот за името да не стои терминот Македонија.

 Извор:НоваТВ




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


6 × = forty eight

%d bloggers like this: