bezdomnik

РЕЏЕПИ: Граѓаните на Скопје со ’заборавените’ во текот на зимските ноќи

Бездомниците се наши сограѓани заборавени од системот на државата, од институциите кои треба да се грижат за нив.
redzepi-mala Пишува: Јасмин Реџепи

 

Дали е можно и во 21 век и понатаму да се однесуваме како варвари, без да се грижиме за овие луѓе како да и не постојат? Јасмин Реџепи

Враќајќи се пешки од една конференција во стариот дел на Скопје, брзајќи што поскоро да пристигнам дома,се проколнував самиот себеси што токму морав да шетам таа вечер пешачејќи на минус пет степени, па макар што дури и се работи за два неполни километри.

Зимите се ладни, а облеката за вакви настани не е многу топла, бидејќи е наменета за внатрешни и климатизирани простории, а не за балкански зими. Токму и заради тоа и не ја сакам зимата, бидејќи и да излезеш до продавница да купиш леб, мораш да се облекуваш и замотуваш како да одиш на скијање.

Додека така во себе размислував и преминував булеварот, здогледав еден човек како спие на жардиеријата на пешачкиот премин, покриен само со едно ќебе, со капа на главата, а покрај него малечка кутија за некој денар, доколку некој му се смилува по пат да му фрли нешто.

Веќе по инерција ја преминав улицата, па се вратив назад, го извадив телефонот и фотографирав она што ме вознемири.

Дали е можно и во 21 век да се однесуваме и понатаму како варварски народи, без да се грижиме за овие луѓе како да не постојат? Не се осмелив да го разбудам, да го потсетам колку е ладно. Наскоро пристигнав дома, го направив текстот и објави фотографија на Фејсбук со критика до надлежните институции, барајќи решение за ваквите случаи, како и ангажманот на Црвениот крст.

Бидејќи ниските температури не оставаат никого рамнодушен, стотици граѓани ја споделија оваа слика во рок од два дена. Во истиот момент, во коментарот се огласи колешката Сандра од Црвениот крст, која испрати мобилен тим да го тргнат од улица и однесат во дневен прифатен центар. Човекот одбил, па му дале уште нешто за да се загрее.

Помина една ноќ, а тој сè уште лежеше на истото место, одбивајќи да се премести. Кога го прашав зошто, Борче ми одговори дека се чувствува побезбедно кога е сам на улица, наместо во центрите за прифаќање каде што немало приватност, каде што луѓето како него краделе едни од други, напаѓајќи се едни со други, а му смета чадот од цигари, бидејќи има астма.

Два одговори

Прашувајќи се колку има вакви луѓе кои преживуваат на улиците, одбивајќи сместување во центрите за прифаќање од оправдани причини или заради причини од психолошки пореметувања, можев да добијам два одговори.

Прв, дека не ми е грижа ако самите си одбрале, бидејќи постојат прифатни центри и друг, дека не треба да постои оправдување за негрижа, бидејќи ние пред се сме човечки суштества и не смееме да ги гледаме другите живи суштества како страдаат од глад или студ, без оглед на причините. Барем да се појде до кај нив секоја вечер, додека температурите се премногу ниски, со топол чај и топла инстант супа, барем на момент да се стоплат и да знаат дека некој не ги заборавил.

Затоа и следниот ден ги повикував колегите и создадов хуманитарна акција со наслов “Подари топлина”, повикувајќи ги сите загрижени граѓани да ни се придружат со волонтирање или со донации, како и информации за тоа на кои локации забележале бездомници, каде заедно би отишле кај нив.

Лесно е да се биде хуманитарец на Фејсбук, ама тоа треба  да се докаже во пракса, па еве можност да се анимира ова прашање во јавноста и да му се даде можност на секого да се приклучи во едно добро дело.

Започнаа првите донации и волонтери,а ни се придружи хуманитарна организација од друг дел на градот. Се собираме во просториите на Легис секоја вечер во девет часот, подготвуваме чај, супа или тестенини, по некој сендвич кој ќе го однесат волонтерите,особено младиот скопски адвокат Јанаки или отец Оливер од хуманитарната организација “Св.Спас”, кои се со нас од првата вечер, па тргнуваме на пријавените локации да ги посетиме заборавените.

Освен Борче, кој спие на сред булеварот, а на улица е веќе 13 години, тука се  уште тројца луѓе кои спијат под мостот во чаршијата, двајца стари луѓе над 70 години кои спијат во напуштен автобус на еден паркинг, еден кој спие во подземен премин, двајца кои спиат во еден киоск каде што ги пуштил сопственикот кој продава кикириките и семенки во соседниот киоскот, па уште еден кој спие во стара напуштена фабрика а има два факултети, и уште двајца кои едно момче ги сместило во својот киоск и така натаму.

Од сите нив, еден случај ни е многу комплициран, бидејќи човекот спие секоја вечер на различно место, па понекогаш не можеме да го најдеме.

Покрената иницијатива

Повеќето од нив заради истите причини не одат во центри за прифаќање, освен периодично за да се искапат и да ја менуваат облеката. Тие немаат никаков приход, немаат здравствено осигурување, живеат со милоста на другите и отфрлени од семејството и системот.

Бездомниците се наши сограѓани заборавени од системот на државата, од институциите кои треба да се грижат за нив. А кога институциите ќе потфрлат, тогаш доаѓаат граѓанските иницијативи за да им помогнат на “заборавените”. За пофалба е исто така и иницијативата „Retwitni obrok“, која секоја сабота во центарот на градот собира храна и ја дели на оние на кои таа им е потребна.

Со цел да се реши ова прашање, ќе покренеме иницијатива која заеднички ќе ја организираат Министерството за социјална работа, Црвениот крст и граѓанскиот сектор, кој им помага на оваа категорија ранливи граѓани. Неопходно е да се зборува за различни прашања и проблеми, како и да се слушне мислењето на другата страна, односно што им треба нив. А, тоа сигурно не е прифатен центар надвор од градот, без услови за приватност, туку простор во градот, каде што секој од нив ќе биде сместен одделно и безбедно, бидејќи целиот нивни живот е во една вреќа или торба што не сакаат да ја делат.

Некои од нив се обидуваат да заработат пари со собирање пластика или железо во градот, затоа не им одговара да бидат надвор од градот. Потоа, лицата со ментални нарушувања треба да бидат сместени во психијатриски установи, што е предлог на адвокатот Јаники, за да ги заштити од злоупотреба на улица.

Ќе се отворат  уште многу други прашања и ќе произлезат многу добри алтернативи како одговор, само потребна е добра волја на надлежните институции да направат нешто. А дотогаш, останува само добриот пример на граѓаните на Скопје да се прошири во други градови како не би ги оставиле “заборавените” да замрзнуваат во долги и неподносливи ладни зимски ноќи.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


nine − 7 =

%d bloggers like this: