Според најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ, преку вчерашните протести во Атина беа испратени пораки кои не одат во насока на продлабочување на добрососедските односи.

-Слушнавме изјави полни со национализам и иредентизам кои се спротивни на намерите за приближување на Република Македонија и Република Грција. Колку протестот го отсликува мислењето на грчкиот народ е тешко да се каже, но присуството на службени униформирани лица или лица во униформи на андартите, секако испраќа лош сигнал во однос на напорите за градење на доверба. Министерството за надворешни работи на Р. Македонија има обврска да ги штити националните интереси, да упати соодветни реакции и да побара соодветни одговори од грчка страна, велат од ВМРО ДПМНЕ во реакцијата на барање на НОВА.

Од опозициската партија посочуваат дека „одговорност на оние кои што учествуваат во преговорите е да се произнесат дали и на кој начин влијаат ваквите протести врз целокупниот процес“.

ВМРО ДПМНЕ во соопштението изразува надеж дека Владата на Република Македонија ќе изнајде достоинствено решение за спорот кое нема да задира во највисоките државни и национални интереси.

Во врска со вчерашниот протест  во Атина, како реакција, Владата на Република Македонија потенцира дека  е посветена на градење доверба со Владата на Република Грција,  со јасна цел достоинствено да се решат отворените прашања на двете соседни европски земји.

-Веруваме дека и во Грција и во Македонија мнозинството граѓани сакаат добрососедство кое води кон пријателство и кон цврста стабилност и економски развој на целиот регион, велат во Владата.

Извор:НоваТВ

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име