CEI1

Речиси половина од платите во Македонија не се пријавуваат реално

Високата стапка на невработеност на корупција и на сиромаштија се ризици за појава на скриена економија во Македонија, Албанија и Косово се вели во истражувањето кое беше презентирано во рамките на Регионалниот форум за скриена економија, кој денеска се одржува во „Холидеј Ин“.

Скриените плати, се уште се еден од најголемите проблеми и подразбираат целосно или делумно непријавување на приходот кај речиси половина од испитаниците, односно 44 проценти од вработените во Македонија, 36 проценти во Албанија и  37 проценти во Косово.

– Една третина од испитаниците во Македонија изјавиле дека реалната плата е повисока од минималната наведена во договорот. Негативната перцепција кон социјалното и здравственото осигурување, придонесува кон тоа, вработените да прифатат платата да им биде исплатена во готово отколку за осигурување. Секој петти испитаник во Македонија и во Албанија попрво би бил непријавен работник доколку зема повисока нето-плата, отколку пријавен со пониска плата – изјави Ана Мицковска Ралева од Центарот за истражување и креирање политики (ЦРПМ).

Корупцијата, како што се вели во истражувањето, е најважниот фактор за постоење на скриена економија. Една третина од анкетираните бизнисмени во Македонија, две третини во Албанија и Косово изјавиле дека постојано се случуваат манипулации со данокот на додадена вредност (ДДВ). Во истражувањето се вели дека, корупцијата е најважниот фактор за постоење на скриена економија според 45,7 проценти од анкетираните бизнисмени во Македонија, 72,9 проценти во Албанија, Косово 48,6 проценти.

Герши Гаши од организацијата Демократија за развој од Косово вели дека, голем проблем претставува недостатокот на соработка помеѓу институциите и министерствата. Тој го наведе и нетранспарентното трошење на јавните пари, кое влијае на избегнување на плаќање на даноци.

– Голем проблем е и правната несигурност. Честото менување на законите, прави даночните обврзници да не се сигурни, кој закон е на сила во однос на плаќањето на даноците – изјави Гаши.

Истражувањето „Мониторинг на скриената економија во Македонија, Албанија, Косово“ било спроведено во 2016 година, на 1.100 испитаници и 70 бизнисмени.

Извор:Мета




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


− nine = 0