Македонската страна е подготвена за решение на името со географска одредница, ова го обелодени премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција, по средбата со евроамбасадорот Самуел Жбогар, презентирајќи ја Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан.

Воедно Заев дополни дека со цел да му се даде шанса на процесот  за решавање на спорот, македонската страна нема да лицитира со имиња во јавноста, меѓутоа тој останува оптимист дека е можно решение прифатливо за двете страни.

Премиерот нагласи дека тие се отворени за секоја конструктивна идеја во преговарачкиот процес, која што ќе ги штити интересите на двете држави.

– Јас сум оптимист, нема да биде лесно, но тоа и го очекувавме. Убеден сум дека може да се најде решение. Во моментов можам да кажам дека ние сме подготвени за географска одредница – вели Заев.

Во однос на Стратегијата, Заев рече дека се работи за добра вест бидејќи во неа се подвлекува дека Македонија постигнала значителен напредок и дека се движи на вистинскиот пат. Со цел да се реализираат реформите Заев ги повика пратениците, претседателот Иванов и опозицијата активно да учествуваат во реформскиот процес. Премиерот потенцираше дека досегашниот прогрес не е дело само на Владата туку е успех на сите политички партии и институциите и граѓаните.

Евроамбасадорот Жбогар им порача на Владата и сите министри сериозно да ја разгледаат Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан, бидејќи во неа има конкретни проекти за сите сфери.

– Западен Балкан како што е сега не е подготвен, но со реформите до 2025 година земјите од регионот можат да станат полноправни членки на ЕУ, преку реализирање на Стратегијата – вели Жбогар.

Извор:НоваТВ

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име