Решението на спорот со името мора да го гарантира идентитетот и достоинството на двете страни. Ќе направиме се за да изнајдеме решение на овој горлив 25-годишен проблем, но не по секоја цена, рече денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

– Став на Владата е дека е прифатливо име со географска одредница. Тоа го темелам на внатрешната дебата која што ја имаме во Македонија. Достоинството и идентитетот се важни, јас сум убеден дека Македонија може со консензус по ова прашање да најде решение во интерес на иднината – рече Заев.

На прашање дали решението вклучува промена на Уставот на Македонија, премиерот рече дека тоа се ставови на Грците, но дека ние во Македонија имаме други ставови и услови.

– Македонија го промени својот Устав во 1993 година и тоа е голем чекор. Во моментот се што правиме е да докажеме дека Македонија нема никакви аспирации, иредентистички побуди. Многу е важно да успееме, мило ми е што имаме пријателски односи. Секако постојат радикални структури и тука и во Грција, но треба да направиме се да се изнајде решение – изјави Заев.

За средбата во Давос, Заев рече дека била од информативен карактер, дека тој ги слушнал позициите на грчката страна искажани од грчкиот премиер Алексис Ципрас, а тие ги слушнале ставовите од македонската страна. Тој потенцираше дека сепак преговарачкиот процес останува да се води под посредство со медијаторот на ОН, Метју Нимиц.

Заев информираше дека средбите на преговарачките тимови продолжуваат затоа што, како што рече, времето е кратко и треба брзо да се делува. Тој најави дека ќе има неколку средби на преговарачките тимови во февруари и дека најверојатно веќе следната недела ќе има средба помеѓу министрите за надворешни работи на двете земји.

Извор:Мета

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име