Судот  за човекови права во Стразбур, пресуди во корист на Велија Рамковски и неговата ќерка Емел Рамковска, кои поднесоа тужби до судот за критериумите по кои бил одреден притворот и за должината на притворот во „Пајажина“.

Според нивниот адвокат Филип Медарски, судот утврди повреда на член 5, став 3 од Конвенцијата  (право на слобода, непостоење на причините за притвор ). Ова значи дека македонските судии не ги зеле предвид објективните критериуми при  определување на притворот, туку донеле одлука за притвор без да  дадат конкретни  аргументи по ниту една од трите точки:  опасност од бегство, повторување на делото или влијание врз сведоци – кои можат да бидат причини за определување на притворот.

Поради ваквата повреда, судот пресуди дека државата треба да исплати парична оштета  од по 780 евра за двајцата. Дополнително, ќе се утврдува дали има основа да се поведе постапка и пред македонските судови за начинот на кој бил одреден притворот.

Велија Рамковски кој беше и сопственик на телевизијата „А1“ беше во притвор една година и два месеци.

Судот во Стразбур ја одбил тужбата поднесена за член 6 (право на фер судење).

Во судскиот процес „Пајажина“ беа обвинети 23 управители и основачи на фирми за затајување на данок, перење на пари и злосторничко здружување.

Рамковски го негираше делото и тврдеше дека целта е затворањето на критичките медиуми. Иако, тогашната власт го негираше ова, неполна година по приведувањето на Рамковски, беше замрзната сметката на телевизијата, а потоа Агенцијата за електронски комуникации и ја одзеде дозволата за работа поради стечај.

Рамковски беше осуден на 13 години затвор.

Ивзор:НоваТВ

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име