На 9 февруари пред три години, лидерот на СДСМ од партиското седиште за првпат пред јавноста ги обелодени снимките од прислушуваните материјали, во јавноста познати како „бомби“ со што запоќна проектот „Вистината за Македонија“, чија цел беше да се открие начинот на владеење на Никола Груевски.

Заев тогаш откри дека биле прислушувани над 20 илјади граѓани, меѓу кои и новинари, функционери од тогашниот состав на Владата, но и претседателот Иванов.

Првата снимка објавена во јавноста беше снимен разговор меѓу самиот Зоран Заев и новинарка од Радио Слободна Европа, потоа разговор меѓу него и ќерка му, како и познатиот разговор меѓу поранешните мнистри за внатрешни работи и за финансии, Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески.

СДСМ набргу по првата бомба, поднесе и кривична пријава против ексдиректорот на тајната полиција, Сашо Мијалков, против ексначалникот на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, како и против непознати лица во УБК.

Овие „бомби“ беа првичната причина за формирање на Специјално јавно обвинителство на 15 септември 2015 година, со изборот на Катица Јанева за негов шеф, заедно со 12 обвинители.  Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политичките партии. Специјалното јавно обвинителство на почетокот воспостави стварна надлежност над 34 предмети.

На 12 февруари 2016 година СЈО ја објави првата истрага наречена „Титаник“ за изборни нерегуларности. Потоа следуваа уште 10-ина истраги – „Таргет“, „Тортура“, ТНТ, „Транспортер“, „Тврдина“, „Трезор“, „Топлик“ „Тендери“, „Тенк“, „Тарифа“… По една година работа, СЈО се пресели во нов објект и ги поднесе првите две обвиненија, а лани во јуни преостанатите. Меѓу обвинетите е поранешниот политички врв на ВМО-ДПМНЕ.

Никола Груевски и Миле Јанакиески добија по 5 обвиненија, Сашо Мијалков 4, а Гордана Јанкулоска 3.

Во вкупно 20 обвиненија на СЈО опфатени се над 100 обвинети лица, како и 7 правни лица.

СЈО во декември лани отвори седум нови истраги против 17 лица, со кое треба да гони поранешни министри, директори, пратеници и новинари за кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба.  Правосилна пресуда има по признание на вина во случајот „Таргет-Тврдина“. Пресуда беше донесена и во случајот „Тврдина 2“ за уништувањето на документација од системите за прислушување, како и две условни пресуди во случајот „Насилтво“.

На 15 март СЈО треба да го објави најновиот извештај за работата. Судењата за приближно сите обвиненија се во тек, освен за случаите „Титаник“, „Титаник 2“ и „Титаник 3“. Според досегашниот тек на судењата, најбргу може да се очекува пресуда во случајот „Труст“, бидејќи сите докази на СЈО се исцрпени, по што остануваат доказите на одбраната и завршните зборови.

Извор:НоваТВ

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име