CIPRAS-ZAEV

Името на среќата: Да се негира се што е македонско

Ја имаме таа апсолутна среќа што сме родени на Балканот. За разлика од нас, во оној несреќен дел од светот, каде Елон Маск, создава нова, назадна и црна историја, таа несреќа од свет никогаш нема да ја сфати оваа балканска среќа од која се уште не можеме да се извлечеме.

Кој е Елон Маск за да ја дознае оваа балканска среќа, колку воопшто може да се губи време на човекот-губитник, што ја лансираше досега најголемата ракета во вселената?

Придобивките од нашата среќа беа сите балкански војни, продолжени, развлечени, додека сосема не искрвавивме.

Среќата за време на груевизмот беше неописива- изолацијата кон останатиот свет, замрзнувањето како во времето на најголемата студена војна продолжуваше, се негуваше, се охрабруваше, поттикнуваше.

Додека Елон Маск компјутерски ги развиваше плановите за еден нов, недостоинствен свет, каде науката и интелигенцијата ќе владеат, ние имавме возвишена, балканска агенда.

Да им клекнуваме на поповите и свештениците, затоа што само така може да се бацат прогресивните раце на религијата, која ја презира науката.

Да пееме со нив патриотски песни за Тодор Александров, затоа што Тврдокорните мораа да имаат директен контакт со посредниците на Бога.

Да се крстиме во омразата, да и ги расплинеме пипците, насекаде, целиот свет да ја дознае силата на патолошката омраза.

Да ги гониме слободните, блескави умови, да ги затвораме, да ги уценуваме, да ги малтретираме, да ги понижуваме.

Да ги коваме спомениците од александрово доба, да ги вивнеме до небото, да се прогласиме за ослободители од грчката, бугарската, српската, албанската современа окупација.

Да се жестиме и да ги колнеме, да ги праќаме во гасни комори и на бесилки, сите оние што ќе посакаат да говорат друг јазик освен македонскиот. За оние што сакаат да говорат мајчин јазик, со посебно внимание и почит да им се обраќаме со Шиптарско племе.

Да не го даваме името, иако одамна тоа е променето во ФИРОМ, затоа што во тоа време, времето на Глигоров, доколку тоа не се стореше, политичките околности ја носеа државата во пропаст и исчезнување- ако таа не добиеше признавање од меѓународната заедница.

Да не ги заборавам и земјите од регионот, нивните фасцинантни прогресивни изливи на пријателство, добрососедство, разбирање и почитување, на негирање на се што е македонско.

Да се оспорува македонскиот јазик, македонскиот народ, името на државата- Македонија, зарем тоа не е врвен балкански специјалитет, кога зовриените и зацементирани глави во историјата не знаат за подобра сегашност и не сонуваат за попристојна иднина?

Кутриот Елон Маск, заостанат во мрачни и деструктивни идеи, безнадежно занесен и неинформиран за тоа каде е среќата.

Тој никогаш нема да дознае зошто Балканот мора да замине некаде далеку, сите ние, ако не ја сфатиме безнадежноста на овој досегашен живот што го нарекувавме среќа, ако не се помириме, не си подадеме рака, ако не преминеме преку сите омрази, негации, оспорувања, лутина, гнев и нељубов. Само така може да дојде до решение на спорот за името,  само така можеме да добиеме чиста идеја за тоа како треба навистина да изгледаме сите ние.

Ако тоа не знаеме да го сториме, ќе мора да бидеме пратени со безобразно баснословно скапата ракета, но поевтина од масакрот на Груевски со Скопје 2014,  да бидеме пратени некаде, низ непознатите патишта и траектории низ Вселената, за да се стационираме во некоја црна дупка, од која враќање никогаш повеќе нема да има. Само така ќе изгледа скапоцено среќата за светот после нас.

 Извор:НоваТВ




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


× 7 = fifty six