Ако се тргнат на страна надворешните притисоци кои во голема мера доаѓаат од властите, кои во некои од петте држави се се посилни и поопасни, проблемот со системското внатрешно онеспособување на новинарите и новинарките да ја работат својата работа, ретко е тема за која се зборува во јавниот дискурс.

Пишуваат: Биљана Секуловска, Ниџара Ахметашевиќ, Жарка Радоја, Милица Богдановиќ и Уна Хајдари

Новинарите и новинарките во постјугословенските земји се работници кои често заработуваат под државниот просек, работат во несоодветни услови, постојано се борат со различни видови на притисоци, политички или од разни групи од интерес. Да се ​​биде новинар во БиХ, Србија, Македонија, Црна Гора или Косово значи борба за егзистенција.

Според истражувањето за прекумерна работа „“, направено во Србија во 2015 година, може да се констатира дека со поголемата несигурност на работното место меѓу новинарите, расте и негативната проценка за слободата на медиумите.

Состојбата во која се наоѓа новинарската професија во горенаведените држави е дел од глобалниот процес, за кој веќе долго време предупредуваат сите релевантни меѓународни новинарски здруженија и организации кои ги евидентираат состојбите со човековите права и слободата на медиумите. Она што ги разликува овие пет земји е дека тие се претежно повоени или транзициски општества во кои корупцијата е повеќе присутна и се технолошки помалку развиени и каде не постојат или нема механизми за заштита на јавниот интерес.

Поради негативниот тренд предизвикан од процесот на глобализација, Европската федерација на новинари формираше тим за следење на состојбата со работничките права во медиумите, поради, како што посочија, притисоците на работодавачите врз вработените, малите буџети, обемот на работа и поткопувањето на синдикалните организации таму каде што тие се присутни.

А што прават новинарите, зошто молчат?

Социологот Среќко Михајловиќ, кој раководеше со истражувањето за несигурноста и можноста за самоорганизирање на новинарите во борбата за нивните права, вели работниот статус на новинарите не е значително различен од другите работници, но нивото на одговорност е поразлично.

„Новинарската професија не е во ниту многу полоша ниту во многу подобра состојба од другите професии. Сепак, постои една брава – дека во таа професија има неколку работи што се акумулираат, комбинација од лични, професионални и општи интереси. И тоа е линијата на професијата која е изложена на потенцијален конфликт на интереси. Може да се каже дека и општествените научници се во слична позиција, или луѓето во образованието и политиката, дека имаат различни области на одговорност. Се чини дека новинарите на прв поглед се повеќе изложени од другите. Често човек има впечаток дека тие се повеќе изложени од политичарите, па од новинарите се бара да дадат одговори што политичарите треба да ги дадат. Бидејќи тие молчат, оттука прашањето: Што прават новинарите, зошто тие молчат?“, вели Среќко Михајловиќ.

Во претходно споменатото истражување направено во 2015 година, беше констатирано дека работата и животот на само две петтини од медиумските работници (39 проценти) не се преквалификувани или се ама во мала мера, додека 61 процент од новинарите се карактеризираат со загрижувачка несигурност, односно значително неповолни услови за работа и живот, што  подразбира флексибилно работно време, работни односи, флексибилни и нередовни плати, организација на работата, што значи работен дефицит и вишок на работници.

Новинарите најмногу се загрижени за правната неизвесност, неизвесноста околу работното време, работното место и работните услови.

Поради ова, две петтини попрво би го напуштиле новинарството и би работеле нешто друго, а исто толку, две петтини, би се одлучиле за медиум во кој слободно би можеле да пишуваат без оглед на статусот и висината на платата, додека една петтина би се одлучила за сигурна работа и по цена да не пишуваат што мислат или знаат.

Платата на новинарите во Србија, според истражувањето на Центарот за развој на синдикализмот, е под републичкиот просек (нешто повеќе од 47.000 или околу 390 евра) и изнесува месечен износ од 160 до 250 евра (20.000 до 30.000 динари месечно). Она што е особено поразително е фактот што слични резултати доби и две години порано Здружението на новинарите на Србија (УНС) – од 585 испитаници, 38 проценти рекле дека заработуваат од 250 до 380 евра, исто толку добиваат од 130 до 240 евра, а повеќе од 370 евра или 45.000 динари месечно добива секој петти новинар.

На порталот infoplate.rs исто така има слични податоци – просечната плата на новинарите во Србија изнесува 36.378 динари (околу 310 евра), уредникот заработува 71.286 динари (околу 600 евра), додека платата на главниот и одговорен уредник е нешто повисока – 88.790 (околу 750 евра ). Според сите претходни податоци, најдобра е ситуација во јавниот сервис, а најлоша во локалните медиуми, особено на југот на Србија. Најголем дел од испитаниците во истражувањето на УНС се новинари кои дипломирале на некој од факултетите за општествени науки или имаат завршено новинарство, а во медиум работат помеѓу 11 и 20 години.

Среќко Михајловиќ

„Несигурноста на која се изложени новинарите и новинарките и самата професија, влијаат  многу негативно врз извршувањето на основните активности. Несигурните работници, новинарите треба многу да жртвуваат за да можат својот личен и општиот интерес ефективно да го издвојат. Во овој контекст, се поставува прашањето за тоа како е можно новинарската активност да се заштити себеси, професијата и општеството. Денес тоа изгледа како невозможна мисија“, смета Михајловиќ.

Во Србија, слободата на медиумите е ретка и тоа го забележува секој осми новинар. Дури три четвртини, 73 отсто од новинарите, сметаат дека автоцензурата е многу распространета.

Слична е ситуацијата и во Црна Гора. Додека податоците од официјалната статистичка институција Монстат бележи раст на бројот на вработени во секторот за 130, така што во црногорските медиуми сега работат вкупно 1.375 луѓе, платите се на исто ниво и во повеќето случаи, како и во Србија и Македонија, под просечната плата на државно ниво. Според податоците на Синдикатот на црногорските медиуми, платата во јуни 2017 година  изнесувала 510 евра.

Маркетинг vs. информативната редакција

Економската состојба на новинарите е влошена дури и во однос на 2016 година. Од испитаниците, 53 отсто укажуваат дека нивната економска состојба значително е ослабена, што е поддржано од фактот дека дури 31,3 отсто биле принудени да работат и друга платена работа, што пак е зголемување од 13 отсто во споредба со претходната година, се наведува во анализата на Синдикатот насловена како „Индикатори за нивото на слободата и безбедност на новинарите“.

„Покрај економските, новинарите секојдневно се соочуваат и со проблеми кога е во прашање нивниот професионален статус во редакциите“, вели Маријана Чамовиќ, претседател на Синдикатот на црногорските медиуми. „Се повеќе и повеќе од нив се преоптоварени, особено поради инсистирањето на тоа новинарот да следи повеќе области и да работат на задачи кои не се во опусот на нивната работа“.

Додека на вработените во јавните медиуми најчесто им доцнат платите, работниците во приватните медиуми се соочуваат и со проблемот од недостаток на интерни прописи кои ја регулираат работата на редакцијата и формално ја издвојува информативната редакција од маркетингот.

„Во некои медиуми, критичното известување за главните рекламирачи не е дозволено. Новинарите се соочуваат со автоцензура во смисла што знаат на кои теми можат да работат во зависност од уредувачката политика на медиумот“, велат од Синдикатот.

Чамовиќ нагласува дека во црногорските медиуми нема колективен договор и дека трудовата инспекција ретко или никако не ги посетува медиумите.

„Проблем е и доцнењето на заработката, а тоа најчесто се случува кај вработените во локалните јавни радиодифузери“, вели Чамовиќ.

Доцнењето на и онака ниските плати, неможноста за договор за услови за работа, работа без договор, работните викенди и борбата за годишен одмор се некои од проблемите и на новинарите во Косово. Истражувачот од Здружението на новинари на Косово (АГК), Петрит Чолаку, вели дека мал е бројот на редакции кои нудат било каква заштита на своите вработени. Сепак, за разлика од Црна Гора, во Косово постои тренд на премин кон јавните сервиси.

„Она што можеме да го забележиме како феномен е трансферот на искусни новинари од приватните медиуми во Радио Телевизија Косово, и како главна причина тие ја наведуваат сигурноста на работното место и висината на платата. АГК дознава од неформални интервјуа со новинарите дека младите колеги, кои се на пракса во интернет портали, весници или телевизиски станици, често се брутално експлоатирани да работат со месеци без плата или со многу ниска компензација“, објаснува Чолаку.

Во Косово, најголема плата имаат вработените во РТК и иако нема статистички податоци за тоа, просечната плата на уредникот во таа телевизија е 700-800 евра и е повисока за одговорни и главни уредници на различни сектори во телевизијата. Платите во приватните медиуми се пониски. Иако воопшто не постои јавен документ, јавна тајна е дека платата на “позициониран“ новинар во Клан Косова или КТВ е околу 400 евра, што е под просекот од 519 евра, според податоците на Агенцијата за статистика на Косово.

Отсуството на синдикат што ги застапува и претставува интересите на сите вработени во медиумите, ја отежнува борбата за работничките права.

Работа на црно

Осум проценти од црногорските новинари имаат статус на хонорарен соработник, додека околу 11 проценти од испитаниците работат на определно време, покажува анкетата на Синдикатот во земјата. Оваа бројка е многу повисока во Босна и Херцеговина и според истражувањето спроведено од Здружението на новинари на БиХ во 2017 година, 35-40 отсто од новинарите и новинарките работат непријавени. Бројот на оние кои нагласуваат дека нивната економска положба е влошена во последните две до три години, е исто така значително повисок и во БиХ и според споменатото истражување, изнесува 74 проценти.

Најдобра слика за ова дава претседателката на Синдикатот на медиуми и графичари на Република Српска, Маријане Шарчевиќ, која нагласува дека работата на црно е присутна во повеќе од 60 отсто од медиумите во тој ентитет во БиХ.

Еден од анкетираните во истражувањето објавено од Фондацијата Хајнрих Бол во БиХ, насловено како „Медиумите и намалениот простор во Босна и Херцеговина: заќутениот алтернативен глас“, новинар во интернет портал кој се финансира со грантови од меѓународни донатори, вели дека неговите колеги не се заштитени и дека тие обично добиваат откази, а нивните придонеси не се плаќаат со месеци или со години.

„Во повеќето медиуми не постои колективен договор што е клучен за квалитетна правна заштита на новинарите. Исто така, постојат големи разлики во приходите во некои медиуми, дали приватни или јавни, каде уредниците имаат значително повисоки плати од новинарите, особено дописниците“, заклучува сараевски новинар во студијата потпишана од Лејла Турчило и Белма Буљубашиќ.

Секојдневниот проблем на новинарите во БиХ, според ова истражување, е демотивирачки бидејќи тие немаат јавна поддршка, има општа сиромаштија во медиумите, поради што нема ниту време ниту пари за дополнителни професионални обуки, принудени се да работат на повеќе теми дневно, не се платени доволно и немаат можност да работат на квалитетни приказни, што само додатно фрустрира, работат на црно и пријавени се на минимум, а поради политички и економски влијанија, голем број новинари и новинарки прифаќаат цензура и автоцензура поради страв од губење на работното место или трпат финансиски санкции и сметаат дека се правно незаштитени.

Специфичното уредување на државата БиХ остава свој данок и во областа на работничките права и социјалната заштита кои не се уредени со еден единствен закон на државно ниво, туку се во надлежност на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Република Српска и областа Брчко. Како што е наведено во текстот на Медиа центарот во Сараево „Несигурни работници и работа на црно“, работните односи во медиумите се регулирани првенствено со општи норми кои се однесуваат на работата и работните односи, бидејќи не постојат посебни прописи за работните односи во оваа област, со исклучок на колективниот договор потпишан во Република Српска. Новинарската автономија не е заштитена со закон и договорите за работа на новинарите не содржат клаузула која овозможува без последици на нивниот работен статус да одбијат работа што е спротивна на нивните професионални принципи.

Висината на платите во локалните медиуми во БиХ е помеѓу 200 и 500 евра, додека во јавните сервиси просечната плата изнесува околу 700 евра. Просечната плата во БиХ изнесува 944 конвертибилни марки, односно 470 евра.

Во Македонија, платите на вработените во медиумите, според официјалните податоци на Управата за јавни приходи, е под 300 евра (околу 17.646 денари), што е значително пониска од просечната плата на ниво на држава, која е околу 400 евра, а само два отсто од вработените имаат плата поголема од 900 евра.

„Оние кои се вработени се во постојан страв од губење на работните места, дека медиумот ќе се затвори (бидејќи тоа навистина се случува) и се подготвени да работат за малку пари“, вели Тамара Чаусидис од Синдикатот на новинари на Македонија. „Нивните барања се единствено насочени кон добивање плата која им е ветена и на спречување на отказ. Имено, иако македонските закони предвидуваат дека секоја фирма мора да плати лични примања на своите вработени до 15-от ден во месецот, многу работници  не добиваат плата и до два, три или повеќе месеци. Имаме ситуации каде што се плаќа само половина од платата, се прескокнуваат месеци …“

Слично е и на Косово, потврдува Чолак, додека во Србија, една од водечките приватни медиумски куќи пред отпуштање, ги деградира своите вработени со позиции како “асистент новинар“ или “асистент фоторепортер“.

Профитот расте, бројот на вработени опаѓа

Преоптовареноста на новинарите и бројот на вработени на минимум, се некои од карактеристиките од работните услови на новинарите во Македонија. Чаусидис појаснува дека таквата работа често не се оправдува дури ни со пазарната логика, бидејќи медиумските куќи кои имаат профит, континуирано го намалуваат бројот на вработени, а оние кои остануваат не добиваат покачување на платата со години.

„Новинарите имаат потреба од пристојни плати и работни услови. Под пристојни услови за работа мислам на атмосферата и праксата во редакциите да се работи без притисок: сечија работа да се почитува, вработените да се сигурни дека утре нема да ги загубат своите работни места ако се замерат со политички моќните, да постојат и да се почитуваат “правилата на игра“ и прашањето за плата, одмори, бонуси, казната, да не бидат прашања кои зависат од нечие расположение или влијание, туку да се знае дека квалитетот се наградува, дека искуството се цени, дека талентот мотивира, а мрзливоста се казнува“, вели Чаусидис, додавајќи дека сите овие точки се прашање на колективен договор кој што во македонските медиуми сè уште го нема.

Затоа, главниот уредник е или продолжена рака на управителите или самиот е газда и директор и се е во неговите/нејзините раце.

„Ако се замерите со него/неа, почнете да барате друга работа. Тоа е атмосфера која од новинарите прави вистински робови или умилкувачи кои произведуваат иста таква јавност. Бидејќи уценуваната, исплашената и евтината работна сила во медиумите, произведува лош квалитет, непрофесионално новинарство кое формулира еден вулгарен, аматерски јавен дискурс. И тоа е она што нам ни се случува“, вели Чаусидис, која е исто така член на групата за следење на работничките права на новинарите при Европската федерација на новинари.

Тамара Чаусидис

Токму состојбата на апатија води кон тоа да работодавачите, без разлика дали тоа е државата или приватно лице, многу лесно ја одржуваат ваквата состојба во медиумите, што, како што вели Чаусидис, создава и нова група – т.н. неновинари или псевдоновинари, кои само одработуваат задачи, послушни се, брзи и не поставуваат никакви дополнителни прашања. Во такви околности и со таква “конкуренција“ стравот кај вработените е уште поголем.

„Новинарите се економски уценети, па оттука и нивниот страв кој понекогаш добива навистина неверојатни размери. Губењето на работа станува реална слика дека нова работа или ангажман нема да се најде. Имено, во Македонија е присутен еден новинароцид – се што беше професионално и со интегритет изминатите 10 години, беше изложено на отпуштања и прогон. Ретки се тие кои издржаа, а уште поретки останаа луѓе со здрави нерви. Бидејќи 10-11 години не е малку. Се роди цела една генерација луѓе под диригентска палка, кои и не беа новинари, туку пропагандисти. Младите немаа од кого да учат дека за идеите и принципите треба да се борат, дека вистината и етиката не се “прашање на перцепција“, дека погрешна е тезата “подобро несоодветна победа него чесен пораз“, така што сега имаме новинари кои се научени да молчат и “го врзуваат коњот каде што ќе им каже шефот“. Имаа премногу примери за да видат како поминуваат оние кои се борат“, објаснува Чаусидис.

Во такви услови тешко е да се борат за нивните права, а особено за јавниот интерес. Во сите истражувања од кои имаме сознанија и од разговорите со испитаниците, може да се заклучи дека еден од главните проблеми во професијата е и несолидарноста, која самите медиумски работници често ја нагласуваат.

Во истражувањето на новинарите во БиХ, се наведува  дека новинарите и новинарките се поделени, што директно им се одразува на позицијата и ја деградира професијата. Сличен е и заклучокот од истражувањето во Србија( „Од новинари до преживувачи“), а во Македонија и во Косово, ситуацијата во моментов е таква што според проценките на нашите соговорници, се уште нема подготвеност за заедничка јавна борба за работничките права.

Изминатата година во Србија, поради се поголемиот политички притисок, дојде до три организирани протести на новинари собрани во ад хок иницијатива – Поддржи ја РТВ, Новинарите не коленичат и групата за Слобода на медиумите.

„Наша погрешна претпоставка беше дека новинарите се наоѓаат во ситуација на меѓусебен судир на интереси и одговорноста ќе се пасивизира. Напротив, се покажа дека новинарите кои се со несигурен статус, кои се оневозможени професионално да се однесуваат и да работат за нивниот општ интерес, кај нив создава мотивација за активизам. Моравме почетната хипотеза да ја отфрлиме и заклучивме дека кај новинарите на кои им е важна професијата, кои се отпорни на автоцензура, има поголем поттик за активизам, за разлика од оние на кои им е важно да го обезбедат “својот личен статус“, вели Среќко Михајловиќ и додава дека пречките за самоорганизирање се толку бројни, што чудо е дека постои било каква активност. Меѓутоа, прашањето на солидарност се поставува и во таа активност.

Сите погоре споменати проблеми довеле до тоа да новинарството во Србија, Македонија, БиХ и Косово масовно да се напушта.

Во такви социјални околности, просторот за борба за јавен интерес е намален, што предизвикува штета и на професијата и на општеството во целина. Но, и покрај сè, надвор од притисоците кои доаѓаат од властите, кои се се поопасни некоја од петте држави, проблемот со системското внатрешно онеспособување на новинарите и новинарките да ја работат својата работа, ретко е тема за која се зборува во јавниот дискурс.

Во време на штрајк со глад, основачот и тогашниот сопственик на „Врањских“, Вукашин Обрадовиќ, ја повика јавноста да ги брани своите медиуми, бидејќи во спротивно тие не можат да преживеат.

„Единствениот начин да се промени ова е целата заедница да го промени пристапот кон овој проблем. Тогаш и медиумите ќе се подобрат. Потребно е да се почитуваат професионалните стандарди и етичките кодекси. Од друга страна, институциите мора да воспостават механизми за заштита на новинарите, нивната физичка заштита но и самата работа“, заклучува Чолаку.

*Во наредните неколку недели, во Србија, БиХ, Косово, Црна Гора и Македонија, ќе објавиме низа текстови на тема „Невидливо насилство: Стории од редакција“, во кои низ разговор со вработените, полувработените и невработените новинари и новинарки ќе пробаме да ги доловиме условите за работа и со самото тоа, можност за извршување на својата работа.

 Извор:НоваТВ

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име