5a30cdb008f94

Дилемата да се реши или не прашањето за името

Преговорите околу името меѓу Скопје и Атина беше доминантна тема во сите политички кулоари во Република Македонија и изминатава недела. Медијаторот на ОН, Метју Нимиц во Скопје и во Атина ги слушна ставовите на двете страни за предложените идеи за надминување на разликите во спорот за името. Според експертите преговорите се на добар пат и може да се најде решение за ова прашање. Преставниците на двете влади го делат истиот став дека до јуни ќе се постигне решение за спорот. Македонскиот Премиер Зоран Заев очекува до средината на годината да се најде решение за 25-годишниот спор за името со Грција и на Самитот на НАТО во јуни да биде активирана поканата за членство на Република Македонија.

     Македонскиот Премиер Зоран Заев цврсто го застапува ставот дека конечниот резултат од преговорите треба да се изнесе на референдум. Референдумот треба да биде дополнителна гаранција и за македонските пријатели од Република Грција бидејќи со тоа дефинитивно ќе се тргнат сите сомнежи, а народот ќе стои зад решението кое ќе биде прифатено. Македонскиот Премиер е убеден дека Македонците се подготвени за тоа. Но,преговорите се уште траат. Убеденост дека до јуни ќе се реши прашањето за името, изразува и грчката страна. Тие велат дека решението е во интерес и на Грција и на регионот.

      Во процесот на преговори за името што последниве денови се интензивирааа меѓу Скопје и Атина, веќе се зборува за конкретни предлози изнесени од страна на медијаторот во овие преговори, преставникот на Обединетите Нации Метју Нимиц, во кои се споменуваат Споените имиња Горнамакедонија или Новамакедонија, какви што се спомнуваа во грчките медиуми, се непристојни предлози, затоа што тоа веќе не се сложени, туку нови имиња, со кои суштински се менува македонскиот идентитет. Во ваков случај, Македонците објективно стануваат горномакедонци или новмакедонци, на пример. Дополнителни трикови можат да се понудат и во пакетот во кој ќе се дефинира што всушност значи erga omnes употребата на новото меѓународно име на Република Македонија.

     Кога преговорите меѓу две страни напредуваат добро, кога постои сериозна перспектива да дојде до компромис и до договор, кога двете страни многу појасно ги гледаат придобивките од позитивниот исход и коваат планови за иднината, често се случува страната што се смета за посилна во преговарачкиот процес одеднаш да се обиде да ја искористи демонстрираната спремност на „послабиот“ противник за компромис, за да фрли на маса непристоен предлог. Логиката на овој потег е во очекувањето дека страната што веќе се подготвила за компромис и за жртва, е нетрпелива процесот да го приведе кон крајот и од тие причини ќе прифати и лош предлог, само што побрзо да дојде моментот да се почувствуваат бенефитите од договорот.

       Обично непристојниот предлог се продава како последен, како нешто што не може да се одбие, како дар од боговите што не смее да се отфрли, како Тројанскиот коњ со кој итриот Одисеј се обидел и успеал да ги излаже лековерните Тројанци. Имам впечаток дека Македонија и Грција се токму во таа критична фаза на преговорите, кога треба да очекуваме еден таков трик, еден последен обид со непристоен предлог Атина да се обиде да го совлада Скопје со десет спрема нула, предлог што можеби ќе го засегне она од кое никој од нас не е спремен да се откаже – македон скиот национален идентитет. Нимиц вели дека процесот нема да оди во таа насока, туку сосема во спротивната, но сите добивме впечаток дека сигналите од грчката страна се вознемирувачки.

    Како што знаете, некаде од 2007 година до денес (а и порано, во периодот кога се донесуваше Времената спогодба меѓу Атина и Скопје),  имаше мислења од личности од јавниот живот на земјата што најупорно заговараа спорот со Грците да се реши со компромис, со сложено име во чија основа ќе биде зборот Македонија и со гаранции за именувањето на  словеномакедонски идентитет со придавката македонска/македонски (македонска нација, македонски јазик итн). Тие јавни личности беа прогласени за „грчки платеници“, за „предавници“, за „антимакедонци“ и што ли уште не, од луѓето од претходната власт кои тајно преговараа за еден исклучително лош предлог (слушнавме во „бомбите“ на Заев), но и од многу луѓе од тогашната опозиција и нивни медиумски поддржувачи, кои се глупираа и тврдеа дека ставот за компромис им штети на Заев и на СДСМ.

     Се разбира, мило ми е што излезе дека тие јавни личности биле во право, што денес може секој да се увери. Но не ми е мило ако се покаже дека таа добра волја и спремност за компромис, која сега е официјален став на македонската дипломатија, Атина се обидува да ја искористи да понуди трик-предлог. Споените имиња Горнамакедонија или Новамакедонија, какви што се спомнуваа во грчките медиуми, се непристојни предлози, затоа што тоа веќе не се сложени, туку нови имиња, со кои суштински се менува македонскиот идентитет – во таков случај, Македонците објективно стануваат горномакедонци или новомакедонци. Дополнителни трикови можат да се понудат и во пакетот во кој ќе се дефинира што всушност значи erga omnes употребата на новото меѓународно име на Македонија.

    Што да се прави во таква ситуација?

    Никако не смееме да бидеме нетрпеливи, лековерни и глупави како Тројанците. Не смееме да дозволиме Тројанскиот коњ да влезе во нашата тврдина и да ја разори однатре. Како вирус. Патем речено, не случајно еден од најопасните компјутерски вируси го носи името на дрвениот коњ што го смислил Одисеј, ама откако ја послушал божицата Атена. Да заклучам. Без паника, без непотребна нервоза и без лоши думи, непристојните предлози, ако ги има, мора енергично да се одбијат. Mакедонските преговарачи во процесот треба да веруваат во тоа дека  потоа ништо страшно нема да се случи, дека преговорите ќе продолжат и дека ќе се движат во позитивна насока.

     И уште нешто: секогаш го застапував ставот дека Македонија треба да биде иницијативна во преговорите, да предлага решенија, пакети, идеи… Јас и денес сум на становиште дека пасивноста на македонската страна оди на штета на македонската страна. Македонскиот Премиер Зоран Заев ја сврте на глава целата досегашна погрешна стратегија на Република Македонија во поглед на спорот за името, за што искрено и јавно треба да му се одаде признание. Но и тој ја задржа тактиката да се биде пасивен, да се чека предлозите да доаѓаат од Нимиц, од Атина или од некоја трета страна.

      На крајот мора да се потенцира дека одговорноста тука е и на опозицијата. Да гледате на рејтинг е исто како да отворите дупка на бродот на кој сте качени. Дури и да не потоне, секако дека во меморијата на луѓето ќе остане запишано дека не ви било грижа за нив. Лесно е да викаме дека власта ја има одговорноста, но ако тонеме тогаш кое значење има таквата одговорност? Лесно е да се каже дека ако не се реши името нема да се сруши небото! Ама сигурно дека ќе продолжат да се рушат нашите животи.

 Ремзи Џанова /TRT




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


− one = 0