СКОПЈЕ, 22.02.2018 – Моника Талеска е долгогодишна новинарка, која со своето искуство и професионализам дава максимум од себе за новинарството како на локално, така и на централно ниво. Во моментот таа е советничка за односи со јавноста во Општина Прилеп и во разговор со ЦИВИЛ Медиа, зборуваше од двете позиции за слободата на медиумите, предизвиците со кои се соочуваат, како и за потребите за подобрување на состојбата на медиумите Македонија. 

 

ЦИВИЛ Медиа: Што за вас претставува слободата на изразување и слободата на медиумите?

Талеска: Секој граѓанин треба да има право да го каже слободно своето мислење, своите ставови, да ги дефинира, да ги манифестира секаде, се разбира во една рамка што значи цивилизирано однесување. Во овој контекст особено е значајна слободата на медиумите.

Медиумите се всушност креатори на јавното мислење. Продукцијата на вести засновани на начелата на новинарство, што значи тшчно, вистинито и балансирано информирање, се темелот на она што значи објективно новинарство, креирање на јавното мислење, согласно овие начела. Само тогаш, кога имаме слободни медиуми, ќе имаме е објективно јавно мислење. Во спротивно се соочуваме со она што значи спин конструкција, креирање на лажна слика за реалноста, а вистината е нешто друго.

За 12 години Македонија, македонските граѓани, македонското новинарство, беа заробеници на една слика на објективната реалност. Најголем дел од медиумите беа слуги на власта. Многу новинари отстапија од новинарските начела, а голем дел и од постулатите на едно граѓанско општество. На тој начин станаа слуги и сервис на режимот, а медиумите одиграа една значајна улога во одржување на недемократска власт.

Граѓаните беа загобени, институциите, исто така, но со доаѓането на новата власт, забележителен е еден процес на враќање на медиумите на добар пат. Навистина, тешко, споро оди овој процес, меѓутоа кога зборуваме за националните медиуми, можеме да кажеме дека се враќаат кон базичното новинарство.

Ако ова го проектирам во локални рамки, не може да се каже. Во Прилеп нема многу новинари што се отвораат кон процесите… имаме еднострано информирање, за жал, сè уште е таква состојбата… Дел од локална телевизија или весник сè уште своето информирање го темелат на спинови и деинформирање. Но, како што вели народната поговорка, вистината е танка, но не се кине…

ЦИВИЛ Медиа: Дали некогаш сте се соочиле со притисоци од бизнис или политичките центри на моќ и како сте се справиле со нив?

Талеска: Ќе звучи можеби позиционо, како да сум приврзаник на некоја политичка партија, иако не сум и сметам дека тоа се коси со етиката, моралот и кодексот на еден новинар. Во моментот сум ангажирана како советник за односи со јавност во Општина Прилеп и можам и од таа позиција да говорам, но и како новинар.

Во 12 години режим, во првите неколку не, но потоа имаше толку силен притисок на еден локален медиум, којшто власта целосно го згасна и затвори. Можам да кажам дека сум очевидец на процес на уништување и руинирање на локален медиум што во себе инкорпорираше телевизија, радио и весник. Со тоа беше пресечен како со ножици гласот на народот. Овој медиум имаше традиција од 50 години ги ставија пред свршен чин да не можат да добијат објективна информација.

Јас лично со претходната власт бев изложена на притисоци и закани, дури и лични закани примив и од претходниот градоначалник Марјан Ристески, со еден недоличен вокабулар, со едно многу примитивно однесување. Зошто? Затоа што токму на ПивоФест, како дописник на ТВ Телма, сакав да информирам за реконструкцијата на џамијата во Прилеп какокултурен споменик. Барањето на став во било кое време е право на медиумот и новинарот. Никогаш, претставниците на институциите, особено од локалната самоуправа и градоначалникот од било која провиниенција не смее да се меша во работењето на медиумите.

Во тој период бев изложена и на други притисоци, закани, бев туркана, фрлани беа реквизитите, камерата, микрофонот…колата ми ја оштетија во повеќе наврати… Одите на прес-конференција, поставувате прашање, секогаш те оцрнет бидејќи ја барате вистината.

Она што сакам да го порачам како советник за односи со јавноста, ова досега беше како новинар, а го знаат прилепските новинари, иако дел од нив прават спинови дека во секој момент можат да добијат информации за сè што е во интерес на граѓаните. Среќа имаме градоначалник што има демократски хабитус. и покрај тоа што дел од медиумит прават спинови, дезинформираат или неинформираат за работата на локалната власт, тој има навистина доблест да ги повика и да поразговара и да ја презентира вистината…

ЦИВИЛ Медиа: Што е потребно за одбрана на слободата на медиумите?

Талеска: Закон има. Според мене потреба е свесност кај граѓаните дека се манипулирани. Со следење на вестите  од два -три медиуми, секако дека секој граѓанин без оглед на тоаколку има или нема едукација за новинарство, ќе дојде до она што значи објективна вистина.

Меѓутоа есенцијата на оваа прашање лежи во природата на новинарот. Колку новинарот како човек е посветен и е одраз на она што значи граѓанска одговорност. Колку тој како човек ги почитува законите, колку го почитува кодексот на новинарството, колку во себе ја носи свесноста дека мора да биде одговорен пред себе, да ја презентира вистината, да ги презентира фактите, а не да биде нечиј слуга.

Секој новинар е човек, секој човек има слабости. Кој на каков начин ќе подлегне на притисоците или ќе го транпа својот професионален или човечки дигнитет за одредени интереси, тоа е сепак личен избор.

Биљана Јордановска

Камера: Дехран Муратов

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име