Наместо за Законот за јазици, пратениците  да дебатираат за реформските закони на кои ќе им се даде приоритет. Во меѓувреме да се формира работна група која ќе изготви нов текст на Законот за јазици – ова е предлогот на  претседателот на ВМРО ДПМНЕ  Христијан Мицкоски за деблокада на  Парламентот.

Мицкоски повтори дека ВМРО ДПМНЕ нема да ги повлече амандманите поднесени за Законот за јазици  и очекува пратениците да дебатираат по секој од 35 илјади амандмани.

„Ако се претставуваат за реформска влада, тогаш нека дадат приоритет на реформските закони,  ајде да се фокусираме на реформите за доброто на сите граѓани “ рече Мицкоски.

Работната група која би работела на новиот Закон, според Мицкоски треба да  биде  составена од професори, експерти, претставници од Кабинетот на претседателот Иванов.  Ваквиот предлог веќе беше одбиен од премиерот Заев.  По средбата која ја имаа во неделата, Заев рече дека ВМРО ДПМНЕ не треба да го  блокира Собранието пред  важни моменти за  европската иднина на Македонија, а доколку сметаат дека Законот е неуставен да го оспорат пред Уставниот суд.

Средба меѓу коалиционите партнери СДСМ и ДУИ денеска немаше. Компромисот  ќе се бара на работните групи на партиите кои повеќе од еден месец дебатираат за реформските закони. СДСМ и ДУИ имаат спротиставени ставови за тоа дали пратениците треба да го усвојат Законот за јазици без да се отвори дебата за амандманите. И покрај овие разлики, Артан Груби од ДУИ денеска изјави дека коалицијата одлично функционира.

„ Односите се одлични и покрај постојаните напори преку лажни вести, пропаганда и непостоечки ситуации да се нарушат “ рече Груби.

За  Законот за Јазиците, Груби рече дека за ова прашање е разговарано, преговарано, договорено и  со ВМРО ДПМНЕ и со СДСМ – јавноста дебатира за ова прашање веќе 16 години.

„Овој закон е шанса за опозицијата, за Иванов, но и за сите други да придонесат Македонија да стане силно кохезивно општество со заокружен нормативен дел на Охридскиот Договор“ вели Груби.

Поради Законот за јазици, Собранието нема да работи цела недела – време кое си го дадоа коалиционите партнери за примирје.

Според динамиката која Владата си ја постави во планот 3-6-9, се  доцни со донесување на законите од правосудството,  законот за следење на комуникациите и законот за заштита на сведоци.

Извор:НоваТВ

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here