Дел од матичните лекари во јавно здравство и педијатрите во приватните болници ги советуваат родителите да не ги вакцинираат своите деца. Ова го тврди доктор Стефана Тасеска педијатар која цел работен век го поминала со вакцинација на децата. Таа вели дека кога се проширила анти- вакциналната кампања ги повикувале овие лекари на разговор за да ги прашаат зошто го прават тоа.

„Не можам да објаснам зошто е тоа така, дали некој клиентелизам беше во прашање бидејќи кога ни ги праќаа родителите со децата тие ги одбегнуваа вакцините и велеа дека педијатарот им кажал да ја пролонгираат или одбегнат таа вакцина. Се јавувавме кај колегите да ги прашаме зошто е тоа така и тие велеа„ знаете тој е бизнисмен“. Тоа се работи кои не се издржани и не треба да ни се случуваат“ изјави доктор Стефана Тасеска педијатар во пензија.

Македонија е во состојба за појава не епидемија на морбили предупреди  професор Александра Грозданова претседател на Комитетот за имунизација.  Причина за тоа е нискиот опфат за имунизација.

„На последниот состанок на Комитетот за имунизација беше презентирано дека опфатот со имунизација со вакцина против морбили(ММР) е 86 проценти. Но, поразително е тоа што во две општини во Скопје, во Центар и Карпош опфатот е 62 проценти. Тоа значи дека сме во ризична бројка и во состојба за појава на епидемија“рече професор Грозданова.

Проблемот со катастрофалниот пад на вакцинацијата започна пред 10-12 години со појавата на разни„ мешетари“ кои почнаа да протежираат тези кои не беа издржани од научен аспект, објаснува Тасеска.

„Се почна со извесна Слаѓана која дојде на овие простори и шеташе по државата и пропагираше  теза против вакцинација која не беше базирана на научни докази. Тоа  беше како едно торнадо. Првите нејзини настапи во траење од 3-4 годни ние успевавме да ги амортизираме бидејќи се уште имавме јак здравствен систем. Но, како се развиваше ИТ технологијата, се отвораа форуми на родители, секој пишуваше што ќе му дојде на памет и никој не одговараше,  се тоа доведе до овие застрашувачки бројки“, рече Тасеска, педијатар која целиот работен век го поминала на терен со вакцинација на децата.

Извор:НоваТВ

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име