MEDIUMISDSM

Новинарите во нокдаун и по стапувањето на СДСМ на власт

После десет години владеење на Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ, промената на власта и стапувањето на сцена на СДСМ, во политички и медиумски контекст, доведе до олеснување и дишење со леснотија од страна на довчерашните, критички и опозициски медиуми, додека медиумите кои ја поддржуваат сегашната опозиција- ВМРО-ДПМНЕ, неретко нарекувани “про-вмровски” медиуми, го имаат најголемиот предизвик со кој досега веројатно тешко дека биле соочени- да се трансформираат во професионални медиуми, чувари-кучиња на јавниот интерес, наспроти политичките интереси, како и на сите интересни групи и поединци, кои поседуваат моќ и се обидуваат да извршат влијание и да ги заштитат сопствените интереси.

Шарената револуција која доведе до пад на ВМРО-ДПМНЕ се чини дека  беше невозможна  без заедничка борба на новинарите со партиските челници, како многу често се насетуваше премолчениот пакт за ненапаѓање на медиумите кон тогашниот опозициски лидер, Зоран Заев и неговите најважни луѓе, но и генерално, кон сите опозициски лидери и партии.

Новинарско-опозицискиот брак кој траеше скоро две години, иако подразбираше цврст сојуз само заради силниот мотив да се сруши режимот на Груевски,  по промената на власт доведе до кршење во милион парчиња на таа вештачки креирана бајка.

Некои од медиумите, иако мал број, веројатно се брои на прсти, ја продолжија улогата на критичари на власта и корективи, бранители на јавниот интерес,  во име на професионалноста и свесност за сопствената важна улога и мисија во општеството како четврта власт (како што се нарекува новинарството во зрелите демократии).

Поголемиот дел на медиумите ја продолжуваат традицијата на сервилност, послушност и покорност кон секоја Влада која е на власт, согласно дефиницијата за политичката култура во Македонија, која од независноста па се до денес, ја има субмисивната и покорна дефиниција. Нивните мотиви- да се приближат кон владејачките структури и да служат за политички цели, купувајќи ја со тоа сопствената економска одржливост, ги трансформираат уредништвата во вистинска машинерија на медиумска сервилност и прикриен или отворен пропаганден сервис.

Токму за овие состојби говори анонимно новинар од една влијателна телевизија: “Промената на Власта донесе и изненадувачки лоши промени за нас новинарите, кои бевме жестоки критичари на претходната власт. Преовладува чувството дека политичарите и нивните соработници си земаат за право да извршуваат далеку поголем притисок.

Зачестија телефонските повици и молбите од наши доскорешни колеги (сега портпароли), кои на име на претходна соработка бараат да поштедиме некого – нешто што претставува изненадување за мене и колегите кои со ова се имаме соочено. Со ВМРО- ДПМНЕ барем бевме на чисто дека имаме заробени медиуми – нешто против што СДСМ барем декларативно се залагаше. Што се однесува до уредниците, до сега сум имал среќа да работам со уредници кои единствено вршат притисок врз мене да го дадам својот максимум за да ги добиеме сите информации за темата која ја работам”.

Кој е профилот на денешните новинари

Националните комерцијални телевизии се во сопствеништво на домашни правни и физички лица, а за незаинтересираноста на светските медиуми да вложат во медиумскиот пазар, покрај политичко- безбедносната несигурност, голема улога игра и малиот, неатрактивен и нерегулиран медиумски пазар, каде иако се укинати владините реклами, остануваат на сила ниските цени кои ги нудат огласувачите, а кои можат да бидат образложени и со ослабнатата финансиска моќ на компаниите, тесно поврзана со осиромашеноста на земјата на генерално ниво.

Истражувањето на МИМ (Анализа: Сопственички и финансиски модели на највлијателните ТВ-канали во Македонија, во Хрватска и во Словенија) покажува дека “ниту една од компаниите кои се сопственици на комерцијалните терестријални ТВ-канали на национално ниво не е регистрирана дека се занимава со медиумскиот бизнис како со основна дејност, а дополнителен проблем е што некои од сопствениците немаат доволно разбирање за општествената одговорност што медиумот ја има врз формирањето на јавното мислење.”

Политичките притисоци многу често и веројатно скоро во сите случаи, се тесно поврзани со финансиската немоќ и материјалната исцрпеност на новинарите кои се согласуваат со цензура, воспоставуваат култура на автоцензура, само за да опстанат, најпрво егзистенцијално, а потоа и на пазарот на трудот, но и како новинарско име,  “бренд”- да го одржат сопственото име и влијание на медиумскиот простор, свесно нарушувајќи го сопствениот човечки и професионален интегритет.

Зоран Фидановски

“Ако ја нема економската независност, тогаш новинарот редовно е подложен на притисок од различни бизнис, но пред се, политички центри на моќ””, вели Зоран Фидановски, член на Советот на Агенцијата за аудио и аудио- визуелни медиуми, но од друга страна, не секогаш финансиската немоќ е причина за притисоците.

Напротив, ако се анализираат тие притисоци, главните уредници се лоцираат како цензори, додека нивната финансиска независност- најмалку дупло поголеми плати од новинарите, е во ресна релација со политичките притисоци на кои се согласуваат, во договор со сопствениците на медиумите, или пак тие воопшто и не се консултирани.

Арта Тахири

Главната карактеристика, профилот на денешниот новинар се исцртува преку непостоење на солидарност, на колегијалност, на свесност за неопходност од зачувување на интегритетот на сопствената професија, што води и до свесност за бранење на сопственото достоинство, за кое говори и уредничката во Алсат, Арта Тахири: “За жал, новинарите некогаш се и  подискриминирани од другите работници од различни сфери, бидејќи ако за нив известуваат медиумите, за новинарите не известуваат медиумите. Тоа е поради цензурата, а најчесто поради автоцензурата”.

Токму заради тоа, состојбите во новинарството, а кои се однесуваат на политички притисоци и работнички права на новинарите во Македонија покажуваат дека самите новинари ја испишуваат и потпишуваат сопствената дефиниција за состојбите.

Во педесeтината интервјуа кои ги направив со новинари и медиумски работници од влијателни медиуми, говорат за чиста состојба на прекаријат во оваа професија. Се работи за наталожен револт кон политичките притисоци, незадоволство за понижувачките плати како и условите за работа, но и мобингот кој го трпат од страна на уредниците, а кој бил премолчен и потиснат, заради стравот и неизвесноста од дека ќе останат без егзистенција, свесни дека се соочени со отворена закана за бездна.

Поголемиот дел од овие новинари кои беа интервјуирани инсистираа на анонимност, особено оние новинари кои имаат изградено име и влијание, тие се препознатливи и почитувани опонион-мејкери, но одбраа да молчат, со образложение дека не сакаат да се замеруваат со уредништвото и сопственичката структура.

Но,  оваа претпазливост ја толкувам поинаку- како страв од одмазда токму од нивните претпоставени, како и отворена можност дека ќе останат без работното место, како и тоа дека постои сериозна опасност вратите да им бидат затворени и во другите медиуми, ако проговорат гласно и отворено за проблемите со кои се соочуваат секојдневно со уредништвото.

Од друга страна, многу малку од  уредниците се согласија да бидат интервјуирани, за што голем дел од нив не дадоа ниту образложение, ниту пак покажаа интерес за резултатите од интервјуата: за одговорите на новинарите, за проблемите со кои се соочуваат и за кои алармираат, како и за нивните предлози и готови решенија за подобрување на состојбите.

Билјана Ставрова

Пресек на состојбите прави новинарката во Телма, Биљана Ставрова: “Како и во сите професии така и во новинарството има колеги кои недостојно си ја извршуваат својата работа, па имајќи го стравот како оправдување се претворија во алатка на политичарите.

Најпрво оние кои мавтаа со моќта на јавниот збор се продадоа скапо, а потоа истите тие го започнаа процесот на регрутирање млади новинари без трoшка искуство, кои во етерот ги рецитираа текстовите на платените уредници. Но бидејќи претходниот режим траеше доволно долго ерозијата на новинарството се случи од корен до врв, па тие неколку зелени гранки што останаа да живуркаат се осуетија во својата жилавост”.

Политичките притисоци на кои се подложни скоро секојдневно новинарите најмногу се однесуваат на вградениот одбранбен механизам на авто-цензура, која се изградила во текот на годините, а за која најголем удел во создавањето страв од реперкусии имаат главните уредници, состојба за која новинарите сакаат да говорат исклучиво анонимно. Новинар кој сака да биде анонимен, вели дека немал директни притисоци од политичари и уредници. Индиректни совети и препораки за “да не си создавам проблеми” имало, што полека ти ја штелува автоцензурата на ниво на редакција или држава. Друг на некој начин позитивен аспект тука е што дневното новинарство е повеќе информативно и ако некој не сака да одговори или каже нешто не се копа понатаму и инсистира. Едноставно интензитетот на работа те гази и одиш понатаму со други теми и настани.”

Една од интервјуираните новинарки говори за стравот кој ги парализира новинарите: “Се плашат од уредници, сопственици, политичари и избираат авто-цензура од едноставна причина- да не изгубат работа. Јас не се плашам од тоа, се расправам со уредниците. Се плашам само од интриги и манипулации”.

Љубиша Станковиќ

Атмосфера на страв, притисоци, пресија и мобинг- така новинарот Љубиша Станковиќ ги опишува состојбите во згаснатиот весник “Утрински весник” – “Политичките притисоци најчесто се шепнуваа „на уво“ или по повик на разговор кај главната уредничка”.

Но, за политичките притисоци во МПМ во време на ВМРО-ДПМНЕ сведочат и многу други новинари и уредници, кои притисокот на власта го чувствувале секојдневно, и додека некои од главните уредници се обидувале да се борат на разни рачини и со разни преговарачки вештини со сопствениците на оваа медиумска империја, други пак, со задоволство прифаќале цензура, благодарни што им се продолжува уредничкиот век и финансискиот бенефит.

Таквата борба за слобода на медиумите на новинарите и уредниците во тогашните про-владини традиционални медиуми (телевизиите) скоро и да не постоеше, а најчесто незадоволството доколку се манифестираше, се однесуваше исклучиво на финансиските проблеми на медиумските куќи, никогаш за наметнатата цензура и автоцензура за која само се говореше тивко и со страв, да не слушнат цензорите и владејачките структури.

Следната недела ќе читате: Новинарите молчат за своите права

Извор:НоваТВ/пишува:Билјана Секуловска




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


one + 3 =