avtopat-kicevo-ohrid

Рокот за изградба на автопатот Кичево-Охрид ќе се пролонгира по скратена постапка

Со 59 гласови „за“, ниту еден против и воздржан, Собранието на Република Македонија денеска, во рамки на 40. седница, го поддржа носењето по скратена постапка на Предлог-законот за пролонгирање на изградбата на делницата Кичево-Охрид за три и пол години.

Предлогот предвидува склучување анекс кон Договорот за изградба на делницата Кичево-Охрид со цел продолжување на рокот за изградба до 30-ти јуни 2021 година, а неговото донесување по скратена постапка од пратениците го побара министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски. Тој рече дека се неопходни препроектирања кои ќе го зголемат обемот на работа и ќе предизвикаат финансиски импликации.

Анексот, истакна Сугаревски, се однесува само на продолжување на рокот за изградба, а не и на дополнителните средства зашто за нив ќе се прави дополнителна проценка.

– Бараме да се склучи анекс договор според кој крајниот рок за доизградба на автопатската делница Кичево-Охрид ќе биде 30-ти јуни 2021 година. Потребата од продолжување на рокот се јавува поради неусогласеност на проектната документација со условите на теренот и променливата геологија која не одговара со предвидената во проектот. Потребно е препроектирање на сите усеци, на повеќе мостови, потпорни ѕидови, надпатници, подпатници, комплетна проектна документација за девет клучки, како и изработка на проектна документација за позиции кои не биле предвидени во основниот проект, а морале да се предвидат заради неопходно и правилно функционирање на автопатот, објасни министерот.

Владата на 20-ти март годинава го усвои првиот анекс на договорот со кинеската компанија Синохидро со кој рокот за градба се пролонгира за три и пол години. (Крај)

извор: МИА/Ohridpress. фото: архива




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


2 + five =

%d bloggers like this: