Премиерот Зоран Заев смета дека Македонија единствено може да влезе во НАТО со решен спор за името со Грција и  отфрла дека е возможно тоа да биде и со референцата ФИРОМ.

-Тоа, што некои кулоари велат, може и под ФИРОМ ќе влеземе, ќе не внесат без разлика дали ќе го решиме името или не, мислам дека тоа не е возможно. Зошто? Кога беше Генералниот секретар на НАТО Столтенберг овде рече не бива таа работа. И, тоа е чесен пристап. Да знаеме, јас да знам, и граѓаните на Македонија да знаат дека ако не најдеме прашање на решението на проблемот што Грција го има со нашето уставно име, ние покана за членство во НАТО нема да добиеме, вели Заев во интервјуто за МИА.

Тој објаснува дека е возможно асоцијативно членство по теркот на Шведска и други земји, како по 2008 година, Стратешко партнерство со Америка, со Турција, со земји пријатели.

-Немаме проблем за тоа, но нашата желба е членство во НАТО. Асоцијативното членство, веројатно ќе го добиеме. Јас дури и не размислувам дали ќе го добиеме или не, оти јас очекувам покана за членство во НАТО. Веројатно за тој период, додека се ратификуваат договорите, би требало да одиме на референдум, ако имаме решение на проблемот, да го искористиме. Гледам, во Црна Гора, година и пол траеше ратификацијата. Имаме доволно време, но поканата за членство во НАТО, значи НАТО. И, нема дилеми дека ќе го ратификуваат земјите. Додека трае целиот овој процес, тоа, паралелно значи инвестиции. Паралелно значи фондови, паралелно значи повеќе пари за граѓаните. Паралелно значи и повисок стандард за сите нас. И, јас сум убеден дека треба да бидеме 100 процентно фокусирани на отворање на перспективите на нашата земја или како што спомнав пред малку и како што велат некои пријатели, добивање на имотниот лист за Република Македонија, вели Заев.

На прашањето дали се можни предвремение избори ако добиеме влез во НАТО и преговори со ЕУ, Заев вели дека е против предвремени избори.

-Зошто сум против? Прво, критикував, кога се одеше на предвремени избори. Второ, доаѓам од деловниот сектор. Постојани избори се проблем за стопанството. Проблем се за секое семејство во планирањето. Чесно е, премиерот кога има такво чувство, да го сподели тоа чувство со граѓаните. И затоа реков: Јас не сум за предвремени избори. Чесно е, Владата да го истера својот мандат, до крајот на еден цел изборен циклус, односно четиригодишен мандат. Тоа за бизнисмените значи отворен пат за добро планирање… Ќе добиеме датум за почеток на преговорите и тогаш ако одам на избори, веројатно ќе добиеме многу повеќе од 49 пратеници, колку што сега добивме. Ама, тоа е горко чувство. Ќе речат, Заев само сака повеќе мандат и повеќе години да владее. Но, што со земјата наша? Што со процесите кои ќе ги сопреме? Што со  инвестициите кои се подготвени, па се одложуваат? Значи, во ред, јас ќе го прокнижам тој успех, ама треба да покажеме и економски резултат. Треба да успеат реформите до крај. И на крајот, на купче, нека не ценат граѓаните, во 2020 година кога се редовните избори, ако сме добри, ќе не поддржат, ако не, здраво е да се случат промените, вели Заев.

Оптимист за решавање на спорот со Грција

Во врска со тоа до каде се преговорите со Грција и дали е можно подигнување на нивото на примиерско, Заев вели дека „тој процес се доближува до моментот кога треба да следува средба помеѓу него и Ципрас“, што би значело дека напредокот во разговорите стинал до тоа ниво за да се премине и на ниво на премиери на државите.

-Ако слушнат граѓаните дека се закажува средба помеѓу Заев и Ципрас, тоа значи конкретна практична потврда, дека преговорите се во вистинска насока и дека е можно да се дојде до решение. Јас верувам дека тоа е возможно, јас верувам дека е добро за Македонија да се случи колку што може порано поради тоа што тоа за нас значи комплетна гаранција за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, но и автоматска покана за членство во НАТО, вели Заев во интервјуто.

Тој истакнува дека македонските црвени линии се „достоинството и идентитетот“ и од она што го знае од досегашниот процес на разговорите со Грција, вели дека има целосно право да биде оптимист.

На прашањето, дали тоа значи дека нема да бидат потребни дипломатски булдожери од Западна Европа за завршница, Заев тука го истакнува примерот со Бугарија.

-Кога влеговме со премиерот Борисов во разговорите за Договорот за доброседство и пријателство со Бугарија, јас слично очекував дека ќе дојде некој булдожер, тоа што велите, некои од пријателите од Европа, од Америка, од некои други пријателски земји и институции. Но, успеавме сами. Успеаа нашите тимови, креативноста на речениците, успеавме веројатно и со храброста и денеска видовме дека сме имале право. Не загуби ништо Македонија, не загуби ниту Бугарија… Јас ја почитувам многу, изјавата на Ципрас: Без разлика на политички кариери. Тоа го кажувам и за себе. Многу е вредно решавањето на ова прашање, оти и за Македонија и за Грција отвора сериозни  перспективи, без разлика на нашите политички кариери.  Политичарите,  доаѓаат и си заминуваат. Но, да ја обезбедите попатно добрата иднина за својата земја, е тоа е нешто што останува вековно забележано, истакнува Заев.

Извор:НоваТВ

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име