По велигденското празнување и продолжениот викенд, на Собранието неделава му претстои набиена работна агенда, пред објавувањето на Извештајот на Европската комија за напредокот на земјата на 17 април.

Интензивираната агенда на пратениците почнува веќе од утре кога во Собранието се закажани четири седници со заостанати точки, како и неколку комисиски расправи на чиј дневен ред се реформски закони.

На 34. седница е реформскиот закон за судовите, а на 35-та се дополнувањата на Законот за јавното обвинителство и Законот за кривична постапка, во второ читање.

Закажано е продолжението на 22. Седница, на чиј дневен ред е една заостаната точка, односно измените и дополнувањата на Законот за заштита на сведоци, по скратена постапка. Станува збор за измените на Законот кои треба да му овозможат на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) да носи одлуки за вклучување на лица во програмата за заштита на сведоци, за случаите што се во надлежност на СЈО.

Се очекува в четврток или евентуално в петок да биде закажана уште една собраниска седница на која на дневен ред ќе се најдат пакетот закони за следење на комуникациите.

Собраниската Комисија за одбрана и безбедност, на чиј дневен ред се предлозите на законите за следење на комуникациите и за Оперативно-техничката агенција (ОТА), двата во второ читање, како и измените и дополнувањата на Законот за оружјето, пред велигденските празници беше одложена за вторник, 10 април.

Станува збор за дел од законите за кои работните групи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачкото мнозинство во Парламентот, според изјавите на партиските лидери и официјални лица, постигнале согласност.

Во меѓувреме, во Собранието, како што најави претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, в среда се очекува да се одржи седница за гласање доверба на Владата. Закажувањето на оваа седница пред пленарката за реформските закони беше услов за учество на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот и гласање за реформските закони.

Мицкоски очекува в среда да се расправа за интерпелација на Владата

Опозициската партија не учествува во работата на Собранието по притворањето на шестмина нивни пратеници и други граѓани за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

Со одлука на Врховниот суд, од притвор беа пуштени пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски, кои сега се во домашен притвор. Во домашен притвор е и пратеникот Љубен Арнаудов. Другите пратеници можат да се вратат во работата на Собранието – за Жаклина Пешевска, обвинителството ја прекина постапката, а на Јохан Трчуловски и Љупчо Димовски им се одредени мерки на претпазливост. Со ова, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, делумно е исполнет првиот услов за враќање на нивната пратеничка група во Собранието.

На 12 април, пак, претстои нова билатерална средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во Охрид за изнаоѓање решение за спорот за името.

Претходно Димитров и Коѕијас имаа средба во Виена, по која премиерот Зоран Заев рече дека е оптимист и оцени дека има придвижување напред.

Извор:НоваТВ

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име