Собранието денеска на својата официјална веб-страница го објави документот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за гласање на доверба на Владата.

„Единствени проекти коишто ги спроведе Владата на СДСМ и ДУИ во изминатиов период се нагло партизирање на институциите и нивно деградирање, заробено судство, луксузирање на владините функционери со парите на граѓаните и политички реваншизам“, стои во дел од образложението на опозициската партија во барањето за покренување на прашањето за доверба на Владата, потпишано од 41 пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата обвинува дека СДСМ и ДУИ за да ја одржат коалицијата ја погазиле демократијата во државата, Уставот, законите и собранискиот Деловник. Дека на сила го изгласале Законот за јазиците, не спровеле ниту една реформа од планот 3-6-9, кој според опозициската партија, доживеал целосен колапс.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, преку СМС-пораки им потврдил на колегите-пратеници дека в среда ќе биде расправата по прашањето за доверба на Владата.

Документот вчера беше доставен во Собранието од страна на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера изјави дека очекува Собранието да и изгласа недоверба на Владата и да се организираат предвремени парламентарни избори.

– Се надевам дека среда ќе биде денот кога ние ќе можеме да ги аргументираме нашите позиции. Така е и според Деловникот во Собранието. Очекувам на крај на денот да се изгласа недоверба на Владата и да можеме понатаму да видиме како ќе ја развиваме Република Македонија, да организираме предвремени парламентарни избори и се што оди со тоа, рече Мицкоски.

Според собранискиот Деловник, гласањето за доверба на Владата се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето за доверба.

За евентуално изгласување недоверба потребно е апсолутно мнозинство, односно 61 глас од вкупниот број на пратеници.

Гласањето доверба ќе биде прв посериозен тест за Владата и за премиерот Зоран Заев по десет месеци минати на власт. Интерпелацијата доаѓа во момент кога се привршуваат последните подготовки за првата реконструкција на кабинетот и се водат преговори со неколку партии за окрупнување на парламентарното мнозинство.

Извор:НоваТВ

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име