jasmin

РЕЏЕПИ: Сирија. Светот молчи.

Социјалните мрежи и светските новински агенции се преполни со слики, видеа и вести за ѕверските хемиски напади во Сирија. Доктори и волонтери пренесуваат повредени во преполните болници, ги полеваат со вода, им даваат кислород, а тие во безумие, во грч од болка, без здив во градите, со полни усни со пена, со длабоки рани на телата од кои веќе ни крвта не им тече.

Преживеаните ги вадат настраданите од подрумите и под урнатините, собирајќи ги труповите на купишта за препознавање од соседите и роднините. Тешко е да се гледа страдањето на цивилите, посебно на беспомошните деца кои не знаат кој и зошто ги повредува. Уште потешко е кога сме далеку и беспомошно гледаме на сето тоа, без било каква можност да сториме нешто за нивна заштита, за сопирање на војната и страдањата. До нив ретко кога пристигнува меѓународната помош, а уште поретко соодветната заштита за нивните животи.

Колку нашиот глас може некое зло да спречи, колку нашиот глас може мир да донесе, колку нашиот глас може толку далечен страдалник да утеши?

Ние молчиме, молчи и светот. Единствено големите сили, САД и Русија се препукуваат во Советот за Безбедност во Обединетите Нации. Нефункционална институција каде големите сили го злоупотребуваат правото на вето за свои политички цели, спречувајќи ја можноста за меѓународна мировна интервенција, каква што беше онаа во војната во Босна и Херцеговина.

Не дека тие сили имаат мандат и моќ да спречат нешто, туку за да биде кога-тогаш злото изнесено пред лицето на правдата на некој меѓународен суд за воени злосторства. До тогаш, болката на срцето и на совеста од овие призори ја смирувам со она што можам да го сторам за оние кои успеале да избегаат од хоророт во нивните земји и поминуваат низ мојата земја, радувајќи се дека човекот пред мене го гледам жив и здрав, а сум можел да го видам неподвижен на некое од страшните видеа.

И да, иако сите тие вести страшно болат, ги гледам и ги читам за да се потсетам на првобитната мотивација за оваа долга и тешка работа која со тимовите на Легис ја работиме за бегалците во и вон Македонија.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


eight + 8 =

%d bloggers like this: