Оваа е најнеспособната влада и таа треба што поскоро да биде минато – кажа координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев од Собранието каде на дневен ред е интерпелацијата на Владата.

„Вашата парола беше „Ќе дојде живот“. Животот дојде, но само за владините и партиските функционери на СДСМ и на ДУИ“ рече Данев.

Данев го критикуваше парламентарното мнозинство дека кога го носеле Законот за јазици го прекршиле Деловникот, Законот  и Уставот. За планот 3-6-9, тој оцени дека доживува целосен колапс, бидејќи ниту 50 проценти од овој план не се остварени.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ исто така ја обвини власта дека не исполнила голем број од предизборните ветувања.

„Во здравството ветивте бесплатно болничко лекување, а од тоа нема ништо, ветивте зголемување на дежурствата – нема ништо. Ветивте реформи во правосудството, а немате министер за правда, од вчера немате ниту зграда, бидејќи изгоре, сега ќе мораме да градиме и нова зграда. Се обидувате да спроведете политички реваншизам, приведовте пратеници без да им го одзедете имунитетот и  затворате уметници-ако тоа ви е реформата во правосудството, алал да вие. Ветивте борба против корупцијата, а Македонија за една година падна 17 места надолу на меѓународната скала за борба против корупцијата. Вие, сами рековте дека во вашата влада има двајца осомничени за криминал, чекаме со месеци нема ниту еден осомничен“ рече Данев.

Според проценките на ВМРО ДПМНЕ, власта на СДСМ и на ДУИ предизвикала и економско цунами, бидејќи во 2017 година економскиот раст бил нула.

„Треба да ги засукате ракавите, резултатите не доааѓаат сами“ рече Данев.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев ги бранеше политиките кои ги спроведува Владата на Заев. Тој рече дека очекува Македонија да добие позитивен извештај од Европската унија без услови, токму поради реформите на оваа влада.

„По 4 месеци недоаѓање во Собранието, да дојдеа други пратеници кои не знаат што се случувало вакво образложение ќе беше логично, ама ова се истите пратеници кои  пред три години слушнаа како владееја нивните влади во изминатите 11 години, за нивните погубни и катастрофални политики, сведочеа на  извештајот  на Прибе, на договорот  во Пржино, истите пратеници кои не дозволуваа да се избере Претседател на Собрание, кои беа сведоци на 27 април  и затоа ваквата интерпеалција од нив е бесмислена“ рече Тунтев.

Тунтев кажа дека ВМРО ДПМНЕ не може да зборува дека притворот бил претворен во казна, кога  за време на нивното владеење, со години невини луѓе биле држени во притвор и апсени со камери.

„Со вакви обвинувања вие се исмеавте на чувствата на граѓаните“ рече Тунтев, кој кажа и дека сите судии се исти, но сега судат без партиски нарачки по телефони.

За интерпелацијата на Владата ќе се гласа на полноќ. За евентуално изгласување на недоверба потребно е апсолутно мнозинство, односно 61 глас од вкупниот број на пратеници. На барањето на ВМРО-ДПМНЕ за гласање на недоверба на Владата се потпишаа 41 пратеник.

Извор:НоваТВ

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име