Меморандум за заемна соработка меѓу дипломатските академии во министерствата за надворешни работи на Македонија и на Украина и заедничка декларација, денеска потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Павло Климкин кој е во дводневна официјална посета на Македонија.

Димитров по средбата информираше дека со неговиот колега се договориле и за возвратна посета во Киев на која ќе се потпише спогодба за патување без визи во двете земји, односно за трајно укинување на визите за краткорочен престој. На средбата се разговарало и за економската соработка за која и двајцата се согласиле дека постои можност за интензивирање.

-Имаме договор за слободна трговија, меѓутоа бројките не соодветствуваат на потенцијалот. Работиме на унапредување на договорот, а процесот е веќе почнат. Имаме заедничка визија за стабилна и просперитетна Европа и во таа смисла реафирмирајќи ја приврзаноста кон европските принципи и вредности се осврнавме на европските и евроатланските аспирации на нашите две држави. Иако имаме специфичен пат и се соочуваме со разни предизвици, Македонија и Украина се подготвени да разменуваат искуства и заемно да се поддржуваат во остварувањето на заедничките цели – рече Димитров.

Климкин изјави дека Македонија е важен партнер за Украина на Балканот и дека двете земји заедно чекорат кон ЕУ и НАТО. Според него, економската размена не треба да ги опфаќа само продуктите и инвестициите, туку дека е потребна и размена меѓу луѓето и науката.

-Сакам да се заблагодарам што Македонија зема за рехабилитација украински војници што за нас претставува нешто што е многу емотивно, реално покажување на пријателството што некогаш е поважно отколку формалните посети – рече Климкин.

Извор:Мета

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име