ZAEV-PRATENICI-VLADA

Заев: Државата е душмански ограбена

Претседателот на Владата Зоран Заев на денешната седница за доверба на Владата го поздрави враќањето на опозицијата во работата на Парламентот и, како што кажа, тоа е во интерес на граѓаните на Република Македонија, но и интерес и на власта заради тоа што со опозицијата може да биде само подобра власт.

Заев, одговарајќи на обвинувањата на пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Крсто Јовановски, кажа дека ова е конструктивна дебата и треба да биде коректив на власта, бенефит што граѓаните го добиваат кога опозицијата е активна во Парламентот.

– Единственото нешто што не успеавме досега да го исполниме, согласно прецизните ветувања, е затоа што не можевме да предвидиме колку е заробена државата, колку е финансиски урнисана, колку е душмански ограбена. И не сакаме да земаме стотици милиони кредити и да расте долгот, а патем долгот е паднат за еден процент во време на враќање на огромни долгови или 280 милиони евра само од „Скопје 2014“, 60 милиони во здравство, 50 во МВР, 30 милиони во одбрана и да не ги редам сите министерства натаму какви беа состојбите во државата. Точно, верувавме во големата дупка, но не верувавме дека постои разлика, рече Заев.

Тој потенцираше дека не е точно тоа што е кажано за именувањата во делот на Владата.

– Впрочем, доказ се 11 спогодби со сите кои го нападнаа генералниот секретар на Владата на оваа тема, а денеска потпишаа спогодби за извинување и тоа е точно, потврдете го. Дваесет и пет отсто не се променети институциите во државата, рече премиерот.

Тој истакна дека нема отпуштени вработени од администрацијата туку дека станува збор за луѓе чии договори за дело веќе истекле.

– Договорите на дело единствено се тие кои завршија. Во институциите најмногу локални, жално е што ги лажете луѓето и требало да им дадете решенија за работа. И тука е вашиот пропуст, ама ги трупавте колку можевте и колку најдовте за пусти популизам да се изгради и додржи власта и кој да влезе во Собранието, рече Заев.

Јовановски рече дека очекувал од Заев барем да се извини за 180-те илјади евра трошоци за министрите. Кажа дека оваа Влада не треба да го прави тоа што го правела претходната, што владејачката мнозинство ја критикува.

Во однос на обвинувањата на Јовановски за отпуштања на вработени во администрацијата, министерот за информатичко општество и администрацијата  Дамјан Манчевски побара од опозицијата да именува барем едно лице вработено на неопределено време во администрацијата кое било отпуштено.

– Ние ги сменивме политички именуваните функционери, според закон, рече Манчевски, кој ги цитираше критики од Извештајот на ЕК за Македонија за 2016 година во делот на администрацијата, како и денешната позитивна оценка за состојбите во Македонија на Фридом хаус.

Јовановски кажа дека поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Сузана Анова која била вработена во Министерството за труд и социјална политика Сузана Анова, била наводно отпуштена поради фејсбук статус.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, во репликите, исто така го обини Манчевски за злоупотреба на средства за Дигиталниот самит што следната недела ќе се одржи во Скопје.

Пратеникот Џевад Адеми од ДУИ истакна дека на Македонија не и се заканува никаква опасност од албанскиот јазик и од рамноправни граѓани Албанци. Според Адеми, кај една третина од граѓаните Албанци, ВМРО-ДПМНЕ се доживува како антиалбанска партија, и оти тие изгубиле гласови на изборите само поради тоа што коалицирале со ВМРО-ДПМНЕ.

Го повика премиерот Заев да продолжи со досегашната политика и да продолжи со контактите со соседите, со грчкиот премиер Алексис Ципрас, со бугарскиот Бојко Борисов, со Харадинај, Брнабиќ… Го охрабри да продолжи на членовите на неговата Влада да им навестува реконструкција бидејќи никој што е избран не е вечен. Ова гласање доверба е добра прилика да направиме рекапитулација на она што досега е сработено.

Горан Манојловски од ВМРО-ДПМНЕ негираше дека ВМРО-ДПМНЕ се албанофоби и го праша како тоа не го кажал кога на локалните избори ВМРО-ДПМНЕја поддржале ДУИ во некои градови.

– Заборавивте што се направи коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во Тетово, како на пример објектот на Клиничката болница, на ДУТ, потоа 11 спортски сали и друго. Треба да кажете колкав е процентот на застапеност на Македонците во општина Тетово, рече Манојловски.

Пратеникот на ДУИ возврати дека се што е изградено е направено од давачките на граѓаните.

Сурија Рушити од Алијансата на Албанците посочи дека има причини да се критикува оваа Влада, и кај Албанците една политички субјект кој 16 години владее во Македонија. Власта, според него, постојано се меша во албанскиот политички блок за да го контролира.

Посочи на неколку судски случаи, меѓу кои и за малиот Алмир, кажа и дека бројот на Албанци што во моментов се во затвор е приближно ист со Македонците, што според него, покажува дека во земјата има селективна правда.

– Да се отстрани впечатокот дека и оваа Влада практикува селективна правда, побара Рушити, кој смета дека поради тоа што младите немаат перспективи во земјата се иселуваат и дека, како што кажа, „еден ден ќе нема кој да не гласа“.

Сепак, верува дека Владата нема да падне и дека ќе продолжат реформите и Македонија ќе влезе во Еу и НАТО.

Извор:НоваТВ/Фото:МИА




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


2 + = eleven

%d bloggers like this: