sobranie2

Собранието не и изгласа недоверба на Владата

Собранието по целодневната расправа вечерва изгласа доверба на Владата. 40 пратеници гласаа за недоверба, 62 за доверба, а двајца пратеници беа воздржани. Пред самото гласање, говор одржа поранешниот лидер на ВМРО ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски, а веднаш по него и актуелниот Зоран Заев.

Никола Груевски му порача на Зоран Заев дека е време да се повлече од политиката додека не направил поголема штета на државата, а Зоран Заев му се обрати на Груевски со зборовите „ти си минато, Македонија чекори напред“.

На денешната собраниска седница на чиј дневен ред беше прашањето за (не)доверба за Владата на премиерот Зоран Заев, пратениците од ВМРО ДПМНЕ упатија критики за неисполнети ветувања од изборната програма и за влошувања на состојбата во економијата.

Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека на опозицијата и е суспендирано правото за поднесување амандмани истакнувајќи дека единствена работа за една година на новата власт е донесениот Закон за јазици.

Според Ѓорчев, Владата не испорачува никави резултати во економијата каде сите индикатори се влошуваат.

– Ќе пуштате пат што е готов пред една година, а абер немате за правење нови. Не е отворена ниту една фабрика, стагнираат платите и пензиите, рече Ѓорчев, критикувајќи ја власта и за состојбата во кавадаречки ФЕНИ и тетовски Југохром.

Реплицирајќи, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, рече дека  ФЕНИ работи со полна пареа од 1 март, сите работници одат на работа и земаат плата.  Јавноста,  потенцираше Анѓушев, треба и да знае како настана ФЕНИ, од каде не се поднесувале завршни сметки две години во времето на претходната власт.

– ФЕНИ некој го однесе во стечај, ама има чесни луѓе во оваа држава што ФЕНИ го спасија од стечај, рече Анѓушев, посочувајќи им на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека „толку не разбираат економија што во критики упатени до него всушност го фалат“.

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, пак, забележа дека новата Влада стартувала со 133 милиони евра само за камати од долгови кои  ги создала претходната власт.

– Денеска имавте многу зборови, а ниту една бројка. Немате ниту една бројка заради тоа што не можете да и објасните на јавноста како очекувате една влада за не помалку од 10 месеци да го сработи тоа што го упропастивте за повеќе од 11 години, рече Шекеринска.

Шекеринска рече дека многу граѓани, без разлика за кого гласале дури и тие кои гласале за сегашната власт имаат огромно незадоволство, кое доаѓа од тоа што, како што рече, ќе видат десетина луѓе потпишани на списокот за интерпелација, а се уште не ги добиле стоте години робија што ги заслужиле.

Во контрареплика Влатко Ѓорчев, праша дали за тоа што го зборува Шекеринска ќе одговараат функционери од ДУИ.

– И да било така, се да е така како што кажавте ќе одговара ли еден функционер од ДУИ. Нема зошто ќе ви падне Владата и затоа што по секоја цена сакате да ја одржите Владата.  Нема трул компромис кој нема да го направите, рече Ѓорчев.

Пратеникот Локвенец истакна дека ова се сериозни времиња и постои потреба од сериозни луѓе, а со досегашното однесување, ВМРО-ДПМНЕ покажала дека не е сериозна политичка партија и ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ активно да се вклучат и да го поддржат реформскиот процес.

Зијадин Села од Алијансата за Албанците нагласи дека се работи за обичен театар, без суштинска дебата со цел македонската опозиција да се врати во Собранието.

– Алијансата за Албанците е дел од собраниската опозиција и ние нема да бидеме дел од овие политички игри за да ја поддржиме вашата интерпелација за актуелната Влада, рече Села. Смета дека нема суштинска реформа во правдата, не е добра состојбата на децата Албанци во градинките и образованието, во државата има етничка поделба и треба одговорност во секторот култура.

За разлика од поддршката што Алијансата за Албанците ја даде за изборот за Владата, Села рече дека овој пат ќе гласаат воздржано.

Извор:НоваТВ




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


3 × = six

%d bloggers like this: