Новото име за меѓународна употреба и опсегот се двете прашања за кои се уште има разлики во преговорите меѓу Македонија и Грција за надминување на спорот за името, кажа премиерот Заев на брифинг со новинарите.

„Не е решен опсегот и името за меѓународна употреба, многу сме блиску во делот на идентитетот, државјанството и јазикот, другите се апсолвирани, а отворено е и прашањето за иредентизмот“ рече Заев.

Заев кажа дека Грција бара „ерга омнес“ да се однесува и за домашна употреба, додека Македонија е на став дека договореното име треба да биде само за меѓународна употреба затоа што домашната употреба на името нема никакво влијание врз Грција.

„Да се разграничи каде ќе се употребува Република Македонија, каде меѓународното име. Нас не боли, ако поголемиот сосед ни влезе во дневната соба и ни каже ти ќе се викаш вака, твојата сопруга така“ кажа Заев, кој потврди дека Грција бара промена и на уставното име.

За прашањето за идентитетот, Заев рече дека Грција има разбирање бидејќи станува збор за лично чувство и определба и не бара промена. Државјанството ќе биде во согласност со новото име за меѓународна употреба.

„Би било веројатно граѓанин на Северна, Горна, Вардарска / Македонија. Јас очекувам да бидат потврдени прашањата што се веќе и опишани во графите на ОН како што е македонскиот јазик, со тоа што апсолутно сме подготвени да ги отстраниме сите нивни резерви за некакво алудирање на наследство или слично, заради тоа што немаме намера со потврда на нашиот уставен јазик, македонскиот јазик да навлегуваме во наследството на Грција“, рече Заев.

Заев потврди дека референдум ќе има, но се договора дали тој би се одржал пред влезот во НАТО или во Европската унија.

„Наша цел е да обезбедиме иднина на сегашните и идните генерации. Ако бидеме  насочени кон тој правец и водиме грижа еден за друг, верувам дека може да се најде решението“ рече Заев.

Вицепремирот Бујар Османи истакна дека ДУИ е целосно информирана за процесот што се води за спорот за името.

„Нема информација и најсензитивната што јас не ја знам, што не ја знае Ахемти, или Мицкоски. Процесот се води транспаренто и инклузивно, со сите чинители, и тоа е единствениот начин да се реши ова прашање“ рече Османи.

Османи рече дека ДУИ не се согласува со одржување на референдум, бидејќи смета дека на тој начин спорот за името ќе стане дневно политичко прашање и партиите под притисок на дневно политичката борба можат да ги сменат ставовите, а врз нив да влијаат и надворешни фактори.

„Во САД имаме дебата дали изборите биле под влијание од други фактори, дали и при гласањето за Брегзит имало влијание на други фактори. Се плашам дека отвораме поле некоја друга сила да влијае. Исто така, може да предизвикаме референдум и во Грција кој дополнително би го комплицирало прашањето“ рече Османи.

Владините претставници  очекуваат Македонија  да добие чиста препорака од Европската комисија за почнување на преговори.

Извор:НоваТВ/Фото:МИА

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име