АНКАРА (АА) – Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека очекува НАТО на јулскиот самит на лидери во Брисел да ја потврди политиката на проширување и да направи конкретни чекори за приклучување на Македонија, Босна и Херцеговина и Грузија, јавува Anadolu Agency (AA).

Чавушоглу денеска во Анкара се состана со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а по средбата рече дека Турција ја поддржува неговата работа како челник на Северноатлантскиот сојуз.

Истакнувајќи дека главна тема на средбата била подготовката на Самитот на лидери на НАТО што ќе се одржи на 11 и 12 јули во Брисел, Чавушоглу рече дека Турција има јасни очекувања од претстојниот самит.

„Очекуваме на Самитот да се донесат важни одлуки за борбата против тероризмот. Исто така, очекуваме да се потврди политиката на проширување и да се започнат процесите за приклучување на Македонија, Босна и Херцеговина и Грузија. Ги поддржуваме конкретните чекори во оваа насока. Накусо, Турција го поддржува проширувањето на НАТО“, порача Чавушоглу.

Чавушоглу му се заблагодари на Столтенберг за неговата поддршка на Турција, и покрај многуте закани со кои се соочува поради тоа.

„НАТО е формиран да ги штити сојузниците. Мораме да се бориме заедно против сите терористички организации, без оглед на тоа како се викаат овие терористи“, рече Чавушоглу.

Нагласувајќи дека Турција е членка која најмногу придонесува кон активностите на НАТО, Столтенберг изјави дека единството во рамките на НАТО е важно и дека сојузот треба да ги оправда очекувањата на Турција.

„Во прв ред го повикуваме НАТО повеќе да ни помогне во борбата против тероризмот. Тероризмот денес претставува најголема закана за сите сојузници“, порача Чавушоглу и додаде дека во борбата против тероризмот мора да се стои понастрана од двојните стандарди.

 

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име