soros-ungarija

Фондацијата Сорос заминува од Унгарија

Фондацијата „Отворено општество“ на Џорџ Сорос ќе ја затвори канцеларијата во Будимпешта и ќе се пресели во Берлин, пишува австрискиот весник „Ди Пресе“.

Унгарската интернет страница „444.hu“ објави дека Канцеларијата на Фондацијата за отворено општество ќе биде затворена на 31 август и ќе биде преместена прво во Виена, па потоа во Берлин.

Засега нема официјална потврда ниту од Фондацијата, ниту од унгарските власти.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја нападна работата на американскиот милијардер со унгарско потекло, обвинувајќи го за мешање во внатрешните работи на земјата и за помагање на опозицијата.

Една од неговите цели беше Централно европскиот универзитет (ЦЕУ) со седиште во Будимпешта. Орбан во април лани донесе контроверзен закон за образование чиј таргет беше токму овој Универзитет чиј основач е Сорос.

Илјадници студенти одржаа протести против наводните реформи во образованието на Орбан, чиј повод беше токму овој закон, но пораката беше дека се воведува цензура.

Од европарламентарците беа упатени остри критики на сметка на Орбан и барање да го повлече законот.

Во октомври лани, Орбан му даде рок на Универзитетот од една година да се прилагоди на одредбите од законот.

Унгарскиот премиер повеќепати го обвини Сорос и ЕУ за мигрантската криза и одби да ги почитува правилата за згрижување на бегалците,.

Унгарската националистичка влада на чело со Орбан во јануари усвои нов пакет закони за борба против илегалната имиграција, за која вели дека ја поткопува европската стабилност и е делумно поттикната од милијардерот Џорџ Сорос.

Пакетот закони, наречен „Стоп Сорос“, предвидува задолжителна регистрација на некои невладини организации кои ја поддржуваат илегалната имиграција.

Исто така, ќе се воведе данок од 25% на сите странски донации што ги примаат невладини организации, а активистите би можеле да добијат ограничен пристап до унгарските граници на Европската Унија, кои се оградени откако мигрантите почнаа масовно да доаѓаат во 2015 година.

Орбан се залага за построга легислатива за работата на невладините организации, потег што е критикуван од меѓународната заедница.

Мултимилионерот и филантроп Џорџ Сорос е роден во Унгарија.

Стоп операција Сорос во Македонија

За време на власта на ВМРО ДПМНЕ, во јануари 2017 и во Македонија беше основана граѓанска организација Стоп операција Сорос, која преку црна кампања во медиумите под контрола на режимот на Никола Груевски ширеше лажни вести и навреди за новинари, политичари и други јавни личности.

Ова здружение ја етикетираше Фондацијата Сорос како „радикална левичарска и тоталитарна“, и дека нејзината цел е „да се избришат идентитети, народи и нации и да се создаде едно  „отвореноопштество“ со кое ќе управува некој од надвор“, што според нив „сериозно ја загрозува безбедноста на Македонија преку своето делување“.

Како негови основачи во медиуите се појавуваа новинарите Цветин Чилиманов, Ненад Мирчевски и Никола Србов.

Во ноември лани Владата на Зоран Заев ги затвори сите истраги што режимот на Груевски ги започна за наводна „десоросоизација“, по неговиот говор кон крајот на 2016, пред ДИК, кога упати закани и до странските претставници во земјава, по што тогашната власт започна хајка против 21 невладина организација кои ги етикетираше како „непријатели на власта и на државата“, а како нивен финансиер го посочуваа сопственикот на фондацијата Сорос, Џорџ Сорос.

Со месеци во истрагите беа вклучени и МВР и УЈП, но беа пронајдени никакви докази за сомнително работење или направени прекршоци.

Во март годинава, министрерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на директна средба со невладините организации и граѓански здруженија кои беа цел на оваа хајка, им соопштидека не постојат докази за обвинувањата кои беа основа за оваа истрага.

Извор:НоваТВ




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


two + 9 =