„Фокусот е ставен на решение за името, а не на рокови. Сега е вистинскиот момент да се најде решение. Влегуваме во самата суштина, во најсуптилните детали каде мора да бидеме креативни за да може двете страни да ги заштитиме“ изјави денеска премиерот Зоран Заев, коментирајќи ја изјавата на грчкиот шеф на дипломатијата Коѕијас дека нема време Македонија да стане членка на НАТО на јулскиот Самит на Алијансата.

„Имаме условена автоматска покана. Не ни треба Самитот на НАТО за некој да одлучи за поканата за Македонија. Значи, ако на 7 мај објавиме решение и на 8 мај грчката Влада испрати писмо до генералниот секретар Столтенберг, почнува процесот на ратификација на договорот за полноправно членство на Македонија во НАТО. Затоа поголем е фокусот на решението, отколку на рокови, рече Заев.

Премиерот кажа дека е многу важно процесот да биде решен пред да се одлучува за датумот за отпочнување на преговорите со ЕУ.

„Мислам дека сега е вистинскиот момент да се најде решение каде сите партиципиенти во државата би застанале заедно зад нешто што е согласно сочувувањето на нашето достоинство и нашиот идентитет, а водејќи грижа и за достоинството на грчката страна“рече Заев.

Во среда, на 25 април ќе се одржи нова средба на шефовите на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот Метју Нимиц во Виена.

Инаку, грчката страна останува цврста на ставот дека договорот за името ќе биде постигнат само ако Скопје се согласи да го смени Уставот. Заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, рече дека решавањето на спорот зависи од македонската страна.

„Ние сакаме комплетно решение да не создадеме нов проблем во следната деценија. Сакаме решение кое ќе има карактеристики на трајност, па затоа е неопходно да се промени Уставот. Доколку другата страна одговори на ова, ќе има договор, а ако не, тогаш договор нема да има. Јасно е. Топката е на нивна страна“, рече Јоргос Катругалос, заменик-министер за надворешни работи.

Извор:НоваТВ

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here