MEDIUMI

ЕК: Медиумите можат да ја критикуваат власта, без цензура

Направен е добар прогрес во слободата на изразување, особено во подобрувањето на климата за работа на медиумите и намалување на притисокот врз новинарите, констатира ЕК во извештајот за напредокот на Македонија.

Медиумите и новинарите од средината на минатата година можат послободно да го критикуваат несоодветното однесување на официјалните претставници, без цензура. Во консултација со разни чинители подготвен е Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

ЕК укажува дека, сепак, неопходно е натамошно подобрување, вклучувајќи и реформа на јавниот радиодифузен сервис и поголема заштита на новинарите и нивните права.

Мора да има нула толеранција за физички и вербални напади и закани врз новинари. Јавниот радиодифузен сервис треба да се реформира и да се зајакне неговата независност. Поправени се некои од забелешките во претходните извештаи, особено за укинување на владиното рекламирање и намалување на притисокот врз новинарите што овозможи побалансирано известување. Покрај реформата на јавниот сервис, ЕК препорачува мерки за поддршка на објективното известување и разновидност на гледиштата во главните медиуми, зајакнување на професионалноста на медиумите, како и санкционирање на сите форми на насилство против новинарите.

Потребни се и мерки за промовирање на поволно опкружување за слобода на изразување, поттикнување на професионално однесување на сите заинтересирани страни во медиумите, професионализам и точно известување. Треба да се обезбеди и соодветно следење на сите случаи на насилство врз новинарите од страна на органите за спроведување на законот и судските органи, оценува ЕК.

Основни човекови права

Во делот за почитување на основните права, ЕК констатира дека постои правна и институционална рамка за заштита на основните права, но неопходни се реформи за натамошно усогласување со европските стандарди за заштита на човековите права. Позитивна е ратификацијата на Конвенцијата за превенција и борба против насилството врз жените и семејното насилство, но неопходно е воспоставување соодветни механизми за следење на имплементацијата. Потребно е подобрување на условите во затворите и психијатриските институции, следење на случаите на криминал направен од омраза и на говорот на омраза, како и поголема инклузија на Ромите.

Извор:НоваТВ




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


eight − 6 =