Како да се направи систем со кој таа наместо во ѓубре ќе заврши кај оние на кои им е најпотребна. Народните кујни не се функционални, опслужуваат мал број луѓе, а имаат висока цена на одржување, посочуваат граѓанските организации кои годиниве наназад работат на справување со овој проблем, став со кој се согласуваат и од Министерството за труд и социјална политика.

Решението и едните и другите го гледаат во воспоставување одржлив систем со кој  ќе се овозможи вишокот храна од производителите, дистрибутерите, трговците, угостителските објекти и домаќинствата ефикасно да биде распределена и доставена до одредени места каде социјално загрозени граѓани имаат пристап.

Фондот за иновации и технолошки развој и Министерството за труд и социјална политика објави јавен повик „ОброкЗаСите“ на кој можат да се јават сите заинтересирани микро, мали и средни компании, како и граѓански организации, преку кој со финансиски средства ќе се помогне да се реализираат најиновативните решенија за обезбедување храна за сиромашните граѓани, понудени на повикот.

– „ОброкЗаСите“ цели кон изнаоѓање на иновативно, системско и одржливо решение за обезбедување на храна за лица и семејства со реална потреба од поддршка на заедницата. Со решението ќе се овозможи вишокот храна од производителите на храна, дистрибутерите, трговците, угостителските објекти и домаќинствата што би сакале да бидат дел од оваа платформа, ефикасно да биде распределена и доставена до одредени места каде социјално загрозени граѓани имаат пристап, рече Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска смета дека овој повик треба да овозможи да се најде иновативно решение за да се обезбеди храна за сите на кои им е потребна.

-Да осмислиме систем што ќе значи собирање на вишоците храна кои остануваат и во моментов завршуваат на отпадите и да се насочат кон оние граѓани за кои оваа храна значи многу бидејќи живеат во сиромаштија, вели Царовска.

Многу невладини и граѓански организации работат на справување со овој проблем. Но, сите акции иако се добредојдени се поединечни, временски ограничени во зависност од средствата за реализација на проектите, и исто така со нив се опфаќаат мал број граѓани.  Затоа силите треба да се здружат, да се воспостави соработка меѓу државните институции, локалната самоуправа, граѓанските организации со цел да храната што се фрла да стаса до поголем број сиромашни граѓани.

Душко Христов од Банка за храна, организација што повеќе години се занимава со оваа проблематика, вели дека е можно да се воспостави добар систем и оти треба да се искористат искуствата од земји во кои веќе слични системи функционираат. За тоа, вели, потребно е соработка на државните институции, локалната самоуправа и граѓанските здруженија, чиј делокруг на работа е токму оваа сфера. Сиромаштијата, потенцира, ни е на локално ниво и во руралните средини и така треба да се делува, бидејќи многу од оние на кои им е потребна храна не можат или не знаат како да дојдат до места каде таа ќе им биде понудена. Затоа треба да се направат напори храната да биде донесена до нив.

– Во моментов властите малку ги подотворија вратите да можеме да им сугерираме како тоа би се решило. Во Македонија се фрла многу храна. Ние правевме истражувања колкави се количините храна што се фрлаат, колкав дел од неа е употреблива, затоа што не сета храна што завршува на ѓубриште може да се користи за исхрана на социјално загрозените семејства и граѓани. Тие покажаа дека во Македонија се фрла храна што може да се стави во систем. Само храната што завршува на депонијата Дрисла, која е единствена што може да даде документ за одложена односно уништена храна, може да опслужи 15 до 16 илјади семејства и ако се земе предвид дека едно семејство има во просек најмалку три членови тоа би значело дека со храната може да им се помогне на околу 45 до 50 илјади луѓе, кои на ваков начин можат да донијат барем еден оброк дневно во текот на целата година, вели Христов.

Смета дека иако до сега се разни организации излегуваа со бројка од 450.000 граѓани кои имаат само еден оброк дневно, таа бројка не е точна и оти се користи за да се прикаже дека ситуацијата во Македонија е алармантна.

– Состојбата е лоша, но не во толкав обем. Во Македонија имаме сиромаштија и глад, тоа не е спорно бидејќи како организација сме биле во многу домови. Во половина од над 30 илјади домови на семејства не би требало да живее ниту куче, бидејќи условите се такви што  немаат ни струја, ни вода, ниту фрижидер, така што и да добијат некаква храна нема каде да ја чуваат, истакнува Христов.

Според него, спорно е тоа што постојат многу граѓански организации кои сегментирано работат на ова прашање. Со ваквото расцепкување, вели бизнис заедницата која би требало да биде главниот донатор на храна, почнувајќи од производителите, дистрибутерите, продавачите, се наоѓа во неповолна позиција бидејќи не знае со кого да соработува.

– Не се нуди концепт што е одржлив, туку е од времен карактер и опслужува мал број граѓани. Компаниите сакаат да помогнат и дел од своите производи да ги стават во функција на сиромашните и гладните, но, се бара форма и начин. Храната со тесен рок на употреба преку мрежа на организации наместо да се заврши на Дрисла или другите депонии, треба да се дистрибуира на локално ниво до оние на кои им е потребна. Врз врз на таквите донации и спонзорства, компаниите ќе имаат бенефит бидејќи можат да направат поврат од пет проценти на ДДВ на делот од донираната храна, истакнува тој.

Потенцира дека би било добро во иднина да се размисли компаниите донатори да имаат и друг вид бенефит, бидејќи тој во моментов е лимитиран. Ние, вели, ќе се обидеме да понудиме и насоки за воспоставување на некаков систем, но до негово воспоставување храната ќе треба да се дистрибуира преку таканаречени банки за храна.

Вели дека со народните кујни е несоодветен затоа што покрива само мал процент од сиромашните, односно околу четири илјади луѓе. Дополнителен проблем, додава е тоа што храната што се дели не е квалитетна.

– Не значи ако некој е гладен дека треба да јаде таква лоша храна и по секоја цена да се оправдаме дека сме му дале некаква помош, истакнува тој.

Како еден од примерите што може да функционира, е во општината Центар. Градоначалникот Саша Богдановиќ го посочи системот на банки на храна, нешто на што веќе се работи во општината.

– Се надевам дека во најбрзо време во соработка со сите чинители – Министерството за труд и социјална политика, бизнис секторот, луѓето кои произведуваат и дистрибуираат храна, но и сите што сакаат да донираат, ќе може да направиме систем во кој наместо таа да се фрла да се донесе до тие на кои најмногу им е потребна, рече Богдановиќ.

Појасни дека во општина Центар веќе е обезбеден простор во простории на Народната кујна, од каде ќе се доставува до корисниците на социјална помош но и сите на кои им е неопходна.

Извор:НоваТВ

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име