Амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Олег Шчербак говорејќи денеска пред студентите од Факултетот за безбедност во Скопје порача дека за Македонија е најдобар воено неутралниот статус, а доколку властите инситираат на влез во сојузи тоа треба да биде потврдено на референдум.

Според него, НАТО претставува воено-политички блок создаден од САД со една цел да се спротивстави на Варшавскиот пакт, но иако тој веќе 30 години не постои НАТО се уште се шири кон исток.

– Воено неутралниот статус на Македонија може да и даде многу и во таков случај таа ќе биде отворена за сите и ќе може да ги оствари економските и социјални интереси на граѓаните, без да биде под товарот на европската солидарност. Добро знаете дека кога солидарноста се става над здравиот разум, тоа е погубно за националните интереси, истакна Шчербак.

Рускиот амбасадор истакна дека постои пропаганда со која Русија се претставува како агресор и дека земјите од Балканот се принудуваат да направат вештачки избор меѓу Истокот и Западот.

– Последиците од тоа и се познати на Украина која беше ставена под таков ултиматум, што предизвика раздор и граѓанска војна. За жал, нашите западни партнери ништо не научија од ова, изјави Шчербак.

Тврдењата дека Македонија се наоѓа на линија на огнот меѓу САД и Русија, тој ги оцени дека се во насока на изолација на двата народи и зголемување на русофобијата.

– Руската Федерација не може да не биде загрижена за воената доктрина на НАТО во која Русија е прогласена за непријателска. Тоа е многу опасна игра и не би сакале во оваа авантура да ја вовлечат и Македонија. Македонскиот народ да се користи како топовско месо и нејзината територија како НАТО база, рече Шчербак.

Амбасадорот на Русија, тврдењата дека членството во НАТО на Македонија ќе и донесат мир и стабилност ги оцени како мит.

– Не ве убедувам дека НАТО е зло, но само велам дека треба многу добро да се анализираат последиците при еден таков чекор. Влегувањето во така агресивен сојуз е предизвик и сериозен избор за секоја земја. Политичарите треба да бидат свесни за својата одговорност и да се водат од поговорката еднаш сечи, три пати мери, изјави Шчербак.

Извор:НоваТВ

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име