Последиците од политичката криза во Македонија врз пазарот на трудот се неповолни, иако релативно малку се одразија врз вработеноста и невработеноста, но имаа значајно влијание врз неговата ефикасност, покажува истражувањето „Влијанието на политичката криза врз пазарот на трудот“ на д-р Верица Јанеска и д-р Александра Лозаноска од Економскиот институт при УКИМ.

Во него се вели дека намалувањето на невработеноста не е условено од зголемувањето на вработеноста, туку е резултат на порастот на неактивноста и интензивирање на емиграцијата на младите во странство.

„Податоците од анкетата за работна сила на Државниот завод за статистика покажуваат дека во периодот од 2014 до 2016 година, бројот на вработени се зголеми за 4,2 отсто, односно порастот речиси се преполови во споредба со претходниот период (6,8 отсто во периодот од 2010 до 2013 година), како резултат на забавената економска активност. Промените кај бројот на невработени се одвива во спротивна насока. Во последните години тој се намали за 16,2 отсто што е за два пати повеќе од претходниот период 7,9 отсто. Ваквите дивергентни движења на вработеноста и невработеноста може да се објаснат со порастот на неактивното работоспособно население и со интензивирање на емиграцијата во странство“, се вели во истражувањето.

Податоците за неактивно работоспособно население од 15 до 64 години потврдуваат дека во последните години, повлекувањето на дел од работоспособното население од економска активност е многу понагласено, особено кај неактивните лица на возраст од 20 до 39 години.

„Особено индикативни се промените во обемот на неактивно население според образовното ниво во 2016 година, кога околу 55.000 неактивни лица се со високо ниво на образование“, се вели во истражувањето.

Во однос на влијанието на политичката криза врз ефикасноста и флексибилноста на пазарот на труд се вели дека рангирањето на Македонија е неповолно според ефикасноста на користењето на таленти (108 место од 138 земји во 2015 година), капацитетот за задржување на таленти (115 место) и капацитетот за привлекување на таленти (128 место).

„Тоа имплицира на недоволно користење на талентите во земјата, што резултираше со интензивирање на емиграцијата на младите, посебно на високообразованите лица“, се вели во истражувањето.

Во заклучокот се додава дека, независно од овие сознанија, останува впечатокот дека импликациите од политичката криза врз пазарот на трудот не можат целосно да се идентификуваат поради недостиг на целосни податоци за 2016 и 2017 година.

Извор:Мета

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име