1

Чанаккале: Одржан марш во чест на загинатите во „Копнената битка на Галиполе“

По повод 103. годишнина од „Копнената битка на Галиполе“, синоќа илјадници луѓе присуствуваа на бдеењето, а со изгрејсонцето се одржаа и традиционалните манифестации во сеќавање на жртвите на една од најкрвавите битки во Првата светска војна

ЧАНАККАЛЕ (АА) – Во рамките на одбележувањето на 103. годишнина од „Копнената битка на Галиполе“, синоќа илјадници луѓе присуствуваа на бдеењето, а со првите зраци на сонцето се одржани и традиционалните манифестации „Марш во знак на сеќавање на шехидите“ и „Молитви во зората“ за жртвите на една од најкрвавите битки во Првата светска војна, јавува Anadolu Agency (AA).

Министерството за млади и спорт на Република Турција низ земјата организираше почесен „Марш за шехидите“ на Чанаккале.

Со почесното палење на топовите, младите се собраа во кампот во галиполското село Коџадере, каде што извршија утринска молитва (сабах-намаз), а потоа тргнаа кон Чунук Баир. За време на Маршот се прикажани неколку документарни филмови за учесниците подобро да ги запознаат случувањата од тој период. На присутните им се обрати и турскиот министер за спорт и млади, Осман Аскин Бак.

Во исто време, синоќа најмалку 1.300 посетители од Австралија и Нов Зеланд се собраа во галиполското село Анзак, за да им оддадат почит на настраданите сонародници во копнените борби на тој полуостров.

На Австралијците и Новозеланѓаните што ја поминаа ноќта во Галиполе, исто така, им се прикажани документарци за битките што се случија за време на Првата светска војна, а во зори, исто така, присуствуваа на традиционалната молитва за загинатите борци.

На бдеењето и утринската молитва присуствуваа голем број официјални лица од Австралија, Нов Зеланд и Турција и голем број амбасадори акредитирани во Турција.

Селото Анзак во кое традиционално се одбележува годишнината од „Копнената битка на Галиполе“ е всушност акроним кој трајно потсетува на учеството на австралиската и новозеландската војска во таа битка (Australian and New Zeland Army Corps).

Еден од посетителите, Ендрју Далтон, за АА изјави дека прв пат од Австралија доаѓа на Галиполе и дека чувството е единствено.

„Ова е прекрасно место и сакам да ѝ се заблагодарам на Турција што ни овозможува да го доживееме ова чувство. Тука сме сите обединети, Австралијците, Новозеланѓаните и Турците“, изјави 55-годишниот психолог Далтон.

Низ Австралија и Нов Зеланд, денес, исто така, се одбележува Денот на Анзак, како симбол на големото, непотребно и залудно страдање.

На денешен ден започна „Копнената битка на Галиполе“ за време на која силите на Антантата се обиделе да го заземат тој полуостров и низ теснецот Дарданели да го заземат и Истанбул, со што од војната би ги исфрлиле Османлиските сили и би отвориле коридор за проток на оружјето кон Русија.

Турските сили со минирање на Дарданелите ги спречија силите на Антантата во поморскиот обид да ги преминат Дарданелите, а потоа во Копнената битка остварија историска победа. Тоа беше една од најкрвавите битки во Првата светска војна, во која десетици илјади Турци ги загубија животите, а и десетици илјади војници од Европа. Исто така, речиси 8.000 Австралијци и 3.000 Новозеланѓани ги загубија животите.

Охрабрени со победата над силите на Антантата, турските сили предводени од Мустафа Кемал Ататурк започнаа војна за независност и во 1923 година ја основаа Република Турција.

Извор: Анадолија/Фото: faktor




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


+ one = 9