salaetin-bilal

Почина доајенот на Турскиот театар Салаетин Билал

По долго боледување, на 76 годишна возраст, почина актерот Салаетин Билал (1942), доајенот на НУ Турски Театар.

Од 1964 година работи во Турската драма при Театарот на народностите – сегашниот НУ Турски театар Скопје каде со голема посветеност одигра голем број на улоги сè до пензионирањето во 2007 година но и потоа беше ангажиран во проектите во продукција на Турскиот театар.

Паралелно играше и во претстави на Албанскиот театар, во некогашниот Театар „Пралипе“, во независни проекти, во Македонскиот народен театар, во Драмскиот театар.

Седумдесет театарски ролји на македонските професионални сцени, четириесет телевизиски и филмски улоги ја одбележуваат неговата респектабилна кариера.

Посветен на театарот како личен предизвик тој се обидува и како режисер, потпишува режии на четири претстави, преведува драмски текстови и бил директор во еден период.

Салаетин Билал ги добил наградите: наградата на списанието „Екран“ за најдобар актер во 1976 − за ликот на Ахмет Нурудин во Дервишот и смртта; 13 Ноември за Хаџи Трајко во Коштана (1977); 11 Октомври за А. Б. Во Дамокловиот меч (1983), две награди „Војдан Чернодрински“ за Ахмед Нурудин (1976) и за Аздах во Кавкаски круг со креда (1990), награда за епизода „Димче Трајковски“за улогата на Нуман во претставата Стари фотографии (Прилеп, 1993), наградата за животно дело (2014).

Во богатата актерска кариера, Салаетин Билал оствари и повеќе филмски улоги : Најдолгиот пат (1976), Пукајќи се троши олово и Време води (1980), Полноќно сонце (1982), Македонска сага (1993), Зад непријателската линија и Ангели на отпад (1995), Џипси меџин (1997), Одмазда и Прашина (2001), Чекор пред времето (2003), Андер и Илузија (2004), Стапица (2006), Сенки (2007), Мајки (2010), Трето полувреме (2012), Балканот не е мртов (2013), Херој (2013) и До балчак (2014).

Забележа и голем број на ролји во телевизиски серии и драми: Волшебното самарче (1975), Итар Пејо (1977), Илинден (1982), Белото Циганче (1984), Солунски патрдии (1986), Тврдокорни (1988-1992), Македонски народни приказни (1994) и уште многу други.

Погребот ќе биде денеска (11.05.2018) во 13.30 часот на градските гробишта Бутел по петочната молитва – џамија Бутел.

Извор:НоваТВ




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *


+ 4 = five