Ако не се реши спорот со името сега, тоа не значи дека ќе има дестабилизација во Македонија, ниту на Балканот – изјави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање што доколку името не се реши, а во контекст на предупредувањата дека во тој случај ќе има дестабилизација на Македонија и регионот, на прес конференцијата што се одржа после официјалната средба со премиерката на Велика Британија Тереза Меј.

Освен тоа, премиерот Заев порача дека Макеоднија ќе продолжи да дава причини за да ги одржи и унапреди односите со Велика Британија, за да го заслужи местото во НАТО и ЕУ.

Заев потсети дека Македонија ги исполни препораките што Европската Унија и ги испорачува, а вети и дека ќе биде спроведен владиниот План 18, чиј главен фокус е борбата против криминалот и корупцијата.

– Македонија во 2015 година беше лојален партнер на Унијата за време на мигрантската криза, и лојален партнер на Велика Британија во случајот Скрипал, затоа премиерке Меј овозможете ни евроатлантска иднина, затоа што ние ја заслужуваме – рече премиерот Заев.

Премиерката на Велика Британија Тереза Меј ја пофали Македонија, за како што рече таа, добрата политичка волја на Владата за спроведување на реформи. Таа се осврна и на спорот со името меѓу Македонија и Грција.

– Со добра политичка волја еве до каде стигнавте вие во Македонија. За решавање на спорот со името треба политичка храброст за да се донесат тешки политички одлуки, сакаме да ја гледаме Македонија на оваа позитивна патека – рече премиерката Меј.

Таа уште кажа дека Македонија е неделив дел од Европа и дека Британија ќе продолжи да ја поддржува земјата, иако повеќе не е членка на ЕУ.

Премиерката на Велика Британија Тереза Меј ја завршува еднодневната посета на Македонија со прием во Собранието од страна на претседателот Талат Џафери.

Извор:НоваТВ

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име