Не, ниту едно име не е прифатливо за промена, дури ни ова последново, што во еден момент и не замисли- Илинденска Македонија.

Дека можеби сега би можело, да се разгледа, да се размисли, да се замисли- дека е сепак можно да опстанеме.

Но, најдобро е да не се размислува, да не се замислува, ниту промислува, тоа може да не одведе до опасен пат, до решение, до излез, од овој безизлез, во кој уживавме сиве овие децении.

Ќе изгубиме многу, ќе изгубиме се ако сепак застанеме и одлучиме- дека некое име, можеби ете, токму ова, е вредно за разговори.

Не мислам на Заев и Ципрас, тие и онака веќе се губат, иако сега и тоа не го знаат, дека ентузијазмот за решение не може да води кон ништо, што може да го посакуваат “големите Македонци” и еднакво “големите” Грци.

Како ќе опстане национализмот после тоа запирање на нашиот од, затоа што сме посакале да слушнеме зошто е добро да дојде до решение за името?

Како ќе го сопрат здивот “патриотите”, желните за битки, војувања, омраза, бес, гнев, како ќе го сопрат сопственото дишење за момент, ако слушнат дека стравот од иднина понатаму не живее тука, ниту таму?

Никому не му треба подадена рака, најмалку на два народи, времето е одамна вратено, во ова време кое сега го живееме владеат средновековни правила.

Во тие минати времиња кои сега ги уживаме, лидерите мора да се гледаат низ нишанот, патриотите да аплаудираат и да ги поттурнуваат кон нови победи, кои за некој век ќе изгледаат како тотални порази.

Но, сега се такви времиња, добрите зборови, пријателството, добрососедството не смее да се споменат, да се посакаат, ниту пак да се поттикнуваат.

Жалам, но ова е еден добар, стар Балкан, каде комплицираните политички акробации се уште важат- секогаш кога ќе дојде до најмала шанса за договор и решение, да се стори се никогаш повторно да не се спомене дека постоела. Таа, можеби невидлива и безначајна, но била шанса, добога, која вреди да биде спомената и да роди некоја слаба насмевка, барем на едната страна.

Ваквите сентименти не им приличат на балкански лидери, на балкански народи. Не смее да се подлегне никому, кој ќе спомене надеж, сон, визија.

Нам добро ни одеше сиве овие децении, туркавме, кривевме, седнувавме во инвалидска количка, не буткаа сите оние, кои видоа во нас она што ние одбиваме да го слушнеме- дека има надеж за нас, некаква мала, слаба, но иднина некаква.

Затоа, да се затвориме во овој остров, во кој ниту море има, ниту пак некој посакува да дојде и да се насели тука. Да ги чуваме кепенците, ѕидовите разрушени, духовите од минатото, да кажеме на секому не- што ќе посака да не извлече.

Да им треснеме на маса на Заев и Ципрас и љубезно да ги замолиме да се оддалечат од нас, пред да се фатиме за кожните футроли од каде ѕиркаат стапови, кои им следат потоа. Ако дојде до решение за името, како понатаму ќе живееме, без омраза, бес, очај, кутрите ние Балканци, што друго не знаеме, ниту пак сакаме.

 Извор:НоваТВ

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име