САРАЕВО (AA) – Турција на овие простори сака да постигне долгорочен мир и стабилност. Заедно со нашите Бошњаци, ние ќе имаме добри односи и со Србите, Хрватите, Албанците, Македонците. Ако даде Господ, ние во иднина, црпејќи ја силата од нашите различности, сите заедно ќе изградиме еден растечки дух на Балканот, порача денеска во Сараево, претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган, во обраќањето на студентите и професорите на Интернационалниот универзитет во Сараево (ИУС), јавува Anadolu Agency (AA).

Ердоган денеска допатува во работна посета на Босна и Херцеговина.

Во рамките на посетата на ИУС, на турскиот претседател му е доделен почесен докторат, кој му го врачи ректорот на овој универзитет Ахмет Јилдирим. Ердоган во оваа прилика му се заблагодари на ИУС, порачувајќи дека целиот живот гордо ќе ја носи оваа титула.

Во обраќањето, Ердоган потсети дека во текот на денот имал можност да разговара за односите на двете земји и дека констатирал дека односите на Турција и БиХ се на високо ниво, како идека во иднина ќе биде вложуван секаков напор истите да бидат уште подобри.

„Секако дека на некои им пречи фактот што имаме многу силна и блиска соработка со земјите од Балканот. Не гледајќи го сопственото минато, земаат за право да ја преиспитуваат присутноста на нашата земја на Балканот. А Турција е истовремено една балканска земја. На овие простори се наоѓа повеќевековна историја и бројни споменици”, порача Ердоган.

Нагласи дека некои земји, кои воопшто немаат граница со БиХ, сакаат да ја прикажат Турција како земја која на овие простори има други намери.

„Јасно ни е дека напорите кои Турција ги вложува на овие простори за заштита на мирот и стабилноста, не одговараат на нивните планови. За разлика од нив, она што Турција на овие простори го сака е да се постигне долгорочен мир и стабилност. Заедно со нашите Бошњаци, ние ќе имаме добри односи и со Србите, Хрватите, Албанците, Македонците. На тој план направивме значителни чекори. Ако даде Господ, ние во иднина, црпејќи ја силата од нашите различности, сите заедно ќе изградиме еден растечки дух на Балканот”, порача Ердоган.

Изнесувајќи критики на сметка на одредени земји кои се колнат во човекови права, Ердоган рече дека Египет, Израел и САД, недвосмислено покажаа дека не може да им се верува кога се колнат во чест и човекови права.

„Злосторниците го претвораат светот во место на кое нашиот живот нема да биде можен. Затоа ние велиме, да живее пеколот за злосторниците”, порача Ердоган.

Турскиот претседател исто така упати критики кон Советот за безбедност на ОН, веќејќи дека „светот е поголем од пет” (5 членки на СБОН).

„Тешко нас доколку светот се предаде во рацете на петте постојани членки на Советот за безбедност”, рече Ердоган и подвлече дека светот веќе не живее во условите од Втора светска војна, дека сега е на сцена еден нов свет.

Потсети дека оваа седмица во Истанбул е одржан Самитот на земјите членки на Организацијата за исламска соработка (ОИС) во врска со случувањата во Палестина и дека во таа прилика е покажана силна волја за заштита на муслиманските свети места.

„Како ОИС, донесовме одлуки во делот на економијата, дипломатијата, трговијата и политиката, кои ќе им нанесат болка на оние кои ја пролеваат крвта на Палестинците”, истакна Ердоган.

Тој се осврна и на борбата против терористичката организација ФЕТО.

„Во текот на обидот за пуч на 15 јули 2016 година откриено е валканото лице на ФЕТО и потврдено е дека бевме во право. При обидот за пуч, многу земји молчеа, но ние никогаш нема да ја заборавиме одлучната и искрена солидарност која тогаш ја покажа претседавачот на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ”, рече Ердоган.

Потсети дека Турција знае дека ФЕТО продолжува да делува во БиХ криејќи се под различни имиња и обидувјќи се да биде под покровителство на други земји. Ердоган рече дека додека Турција од БиХ бара да се затворат образовните установи на ФЕТО во оваа земја, за да пред се не би нанеле штета на БиХ, неговата земја истовремено нуди алтернатива.

Ердоган посетата на БиХ ја започна со состанокот со претседавачот на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, после што заедно го посетија гробот на првиот претседател на БиХ, Алија Изетбеговиќ.

Исто така, Ердоган се обрати на шестиот по ред Конгрес на Унијата на европско-турските демократи (УЕТД) во Сараево, на кој присуствуваа бројни гости, кои по повод конгресот допатуваа во Сараево од земјите од регионот и Западна Европа.

Извор:АА

Откажи одговор

Ве молиме внесете го вашиот коментар
Ве молам ставете го вашето име