Пресудата која Судот ја изрече за Никола Груевски во случајот „Тенк“, е нарачана од Зоран Заев и од СДСМ кои се подготвени да ги осудат сите кои се спротиставуваат на антидржавните политики, кажа на денешната прес конференција потпретседателот на партијата Александар Николоски.
„Денеска видовме во живо како функционира политички суд и како се изрекуваат политички пресуди. Го видовме на дело непринципиелниот брак помеѓу власта на Заев и судот. Бенефиците од овој брак сега се во корист на Заев, но многу брзо ќе се свртат на негова штета. Тоа оди правопропорционално со добивањето и губењето власт. Така функционира нереформираното и клиентелистичко судство“ рече Николоски.
Toj смета дека Судот не и ги зел в предвид доказите и фактите, а пресудата е „обид за дефокусирање од вистинските проблеми и сеење на страв меѓу сите кои што мислат поинаку.
„Пораката која што Заев и СДСМ преку судот ја испраќаат е јасна и вели дека не е важно дали има каква било основа или доказ, затоа што да бидеме искрени ова е дело на кое се смеат сите правници.Оваа пресуда не е пресуда заради тоа што некој се стекнал со противправна имотна корист, или заради тоа што и била направена некаква штета на државата, затоа што штета нема, мерцедесот и сега се вози, не си го зема Никола Груевски дома. Ова е пресуда која има повеќе цели, тие се Никола Груевски кој беше симбол за зачувување на националните интереси, економски успеси, привлекување инвеститори, реформи, зголемување на плати, пензии, социјална помош, субвенции, градби и се’ друго, да се засени и да биде политички дисквалификуван“ кажа Николоски.
Според него, во Македонија се водат политички монтирани процеси а правдата има двојни аршини.
„Пред два дена, обвинителството и судот, највисоките органи задолжени за еднаквоста на правото, правдата и правната држава го ослободија од вина Зоран Заев убедувајќи ги граѓаните дека тоа што го гледаат не е така, дека снимките на кои што бара евро за Вице и евро за црквата, всушност и не го виделе и не постојат. Му го преквалификуваа обвинението и го ослободија од одговорност исто како што најавија преквалификување на обвинението за масакрот кај Смилковското езеро и како што ги ослободија осудените за случајот Сопот“, рече Николоски.
За него правда во земјата не постои и најави, како што рече тој, ревизија на сите незаконски дејствија.
Извор:НоваТВ