Којзнае како, но постои верување дека политичките дуели се прашање на чест, принципи, некаква базична култура, елементарно домашно воспитување, наследени и изградени некакви примарни цивилизациски вредности.
Сето останато се толерира- се што вклучува некаков дури и отворен сарказам, скокотлив хумор, горк цинизам- на се ова треба да се надевате, бидете широки, се е дозволено, конечно.
За секој збор треба да навивате, потчукнете го телевизорот за да се вжешти, да се разбуричка, да зададе удар противникот, да го затекне неподготвен непријателот, нека падне, нека се довлечка повторно до столицата, нека има глума, дури и преглумување, но нека има, мора да има.
Ги гледам Заев и Мицковски, седнати еден спроти друг, ова е нивен прв дуел, но ова е вистински наш дуел, не им припаѓа ним, туку нам, затоа што не се ни сеќаваме последен пат кога сме имале политичари гради в гради, ова е и наша битка освоена, ех, наивни ние. Ова е и наше ново разочарување.
Го гледам Мицковски, верува во сопствените наврзани букви во зборови, иако и тој не знае, дека сите му се извојувани од Груевски, сите добиени некогаш, сите изгубени сега.
Ја гледам таа самоувереност, самобендисаност, таа сталоженост и тој мир кој му го создал Груевски, тогаш кога зборува за народот, за силата на народот, за важноста на народот, за народот, за народот, има ли крај, нема, одиме со народот, народот затоа што е на прво место, затоа што народот ова го бара, така говореше Груевски, исто како што зборуваше Груевски.
Го гледам Мицковски како чекори кон провалија, ни сам не знае зошто е сега таму сместен Груевски, неговиот ментор, неговиот патрон, неговото се, од кое не може да избега, да се оттргне, да исплива.
Мицковски не знае за ништо пред ова и затоа не може да знае и за ништо следно, за нешто после ова. Мицковски не знае дека мора да се извини за минатото за кое тој молчел, за Груевски, за груевизмот, за се што остави огромни лузни и траги, за кои ќе требаат децении да се опоравиме.
Што ако сум пишувала и порано дека мора тој да се извини, тој продолжува да не знае, да биде само склупчен во мислите на Груевски, да му ја оттргнува самотијата, да му ги следи стапките, да му ги замазнува отисоците што ги оставил, додека чекорел и газел врз се што е свето- најмногу врз слободата.
Го гледам Мицковски, како со потсмевање и омаловажување му се обраќа на Заев, имитирајќи му го струмичкиот дијалект и акцент, сакајќи да го претстави како обично парталаво селанче, тој, големиот граџанин Мицковски, каков срам, колку голем срам.
Мора да е тоа добро, големо, важно да го сторам, да го понижам, си вели, од позиција на син-асистент на татко-професор, на човек кој мисли дека навистина живее во еден сјаен град, еден блескав велеград, за кој само ние знаеме дека во овие десет години стана еден тесноград, затутулен, свиткан на половина град, кој дури ни крајот на светот не го подзема под свое.
Сепак останало некако, преживеало ова жилаво Скопје, кое еден Сартр го има во спомените, кому сите му припаѓале, и тој еднакво бил нивен, на сите овдешни дијалекти, на сите акценти, на сите закоравени раце и поцрнети нокти.
А сега, градот во кој живееше, кој го направи тоа да биде, нашиот идентитет- Блаже Конески, сега овој град се повеќе и повеќе наликува на обесена во лицето- паланка која замислува дека е вистинска престолнина, наместо да се соочи со огледалото кое скришно го поткршнува секојпат кога ќе помине покрај него.
За да не види дека станал каллива нива, запустена трпеза со мувлосани и скапани плодови, грабнати од нечиј еснафски двор, расцепени наполу, треснати со бес на софрата, за да се гледаат црвите, за да се знае кој владее со градов.
Во целата приказна, трошка среќа и нам ни припаѓа- по Шарената револуција која ја извојувавме заедно со Заев, сега имаме буржоаска задача- црвјосаните остатоци еден по еден почнуваме да ги фрламе, а секако дека ни треба време, долго време, додека сосема не се ослободиме од нив.
Извор:НоваТВ/Биљана Секуловска