Пратеникот на СДСМ, Ферид Мухиќ, на денешната собраниска седница го изрази својот револт, порачувајќи дека „Македонија има неприкосновено право за меѓународно почитување“- изјава која се однесува на вчерашната порака на еврокомесарот Јоханес Хан дека е несоодветно однесувањето на претседателот Иванов кој одбие да разговара со Заев и Димитров на средбата на која му беше врачен само Договорот со Грција за името.

„Иритиран сум од вчерашната арогантна изјава на Јоханес Хан на сметка на претседателот на една самостојна, суверена држава Република Македонија. Никој не може да дели лекции на претседатели на држави без разлика каков е ставот.

Тоа е суверено право на институциите и граѓаните на таа држава. Вакво непримерено делење лекции јавно го покажува неговиот став кон Македонија. Со оваа изјава тој покажа минимум почитување односно никакво почитување и мислам дека мораме да се залагаме за достоинството. Ако треба, ние ќе бидеме најголемите критичари на секој наш претставник, но апсолутно не смееме да допуштиме нарушување на нашето достоинство и суверенитет“, рече Мухиќ, кој побара поддршка и од другите пратеници.

Во телефонски разговор за НОВА ТВ, пратеникот Ферид Мухиќ вели дека тој не знае уште колку време „ќе бидеме држава но сè додека сме“ тој ќе продолжи да ги брани институциите на државата.

„Мојот став  за одбрана на Иванов не значи дека се согласувам со неговиот став за договорот. Застанав во негова одбрана затоа што чувствував потреба да ја заштитам институцијата претседател без разлика колку и како, ние внатре, се критикуваме и не се согласуваме еден со друг“, вели Мухиќ за НОВА ТВ.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во вчерашното интервју за МИА, меѓу другото зборува и за ставовите на претседателот Ѓорге Иванов во врска со несогласувањето со постигнатиот договор со Грција.

„Не е соодветно за претседател на држава, да одбие да разговара со премиер, со министер за надворешни, за да добие информации од прва рака. Мислам дека премиерот и министерот за надворешни целосно ги почитуваа уставните насоки и можам само да го повикам итно претседателот да преземе одговорност. Претседателот како директно избран има специјална позиција и одговорност и треба да е свесен за ова, инаку и наштетува на функцијата, изјави Хан.

Извор:НоваТВ