По најавата од шефот на државата дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на договорот мегу Грција и Македонија, правни експерти велат дека Иванов има право само еднаш да стави вето на Законот.

„Правниот поредок е јасен. Првиот пат кога ќе биде донесен Законот, Претседателот има рок од 8 дена да се изјасни дали ќе стави вето или не – ако се одлучи да не го потпише, Законот се враќа на работни тела во Собранието, а потоа на седница на гласање. Доколку Собранието повторно го изгласа Законот, претседателот е должен да го потпише“ вели доц.Александар Спасов, од Правниот факултет.

Доколку не го потпише,  како што беше случајот со Законот за јазици, претседателот ќе го прекрши Уставот и во таков случај ќе треба да реагираат судските и другите институции.

„Независно за кој Закон се работи, тоа е прекршување на основното начело на поделба на власта на правата и одговорностите на сите чинители на власта, во овој случај на претседателот на државата. Институциите треба да имаат своја реакција бидејќи претседателот во нашиот Устав нема право откако Собранието по втор пат ке го изгаласа законот  да не го потпишува законот“ вели Спасов.

Според него, претседателот  може да иницира постапка за оценување на уставноста на Законот и според нашиот Устав и начелото на  поделба на власта тоа е Уставниот суд – тој е државен орган што одлучува за уставноста на општите акти и уставноста на законите и на другите подзаконски општи акти.

Што се однесува до тоа дали непотпишувањето на Законот може да го блокира правното дејство на договорот, Спасов вели е дискутабилно зашто„ неможе со неправо ( непотпишувањето е неуставно и незаконско) да се произведат правни последици кои ќе се признаат како легални“.

Претседателот Иванов денеска од Софија повтори дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот.

„Јас не сум бил вклучен во донесувањето на тој документ и зошто да бидам јас тој кој ќе го легализира документот. Како го создале и го донеле без мое учество така и нека си го завршат без мое учество… Таа е нивна одлука и нивна е одговорноста“ рече претседателот Иванов.

На прес конференцијата во Владата на која беше претставен Договорот со Грција, премиерот Заев ги повика сите политички фактори  да го почитуваат гласот на граѓаните.

„Сите ќе ги кажеме своите ставови, но за вакви историски работи да оставиме шанса на успешен референдум. Ако граѓаните гласаат „за“ и конечно Макеоднија да ги отвори вратите, ние политичарите моќе да се поклониме и да го испочитуваме тоа“ рече Заев.

Во текстот на Договорот што го објави Катимерини во членот 2, став 4, пишува дека „откако ќе добие известување дека втората страна (Македонија) го ратификувала Договорот, првата страна ( Грција) веднаш ќе го извести претседателот на Советот на ЕУ дека подржуваат отворање на пристапни преговори и ќе го извести Генералниот секретар на НАТО дека подржува втората страна да добие  покана за влез во НАТО.

Процедурата за гласање на Законот за ратификација на Договорот во македонското собрание може да трае и 20 дена, во случај Иванов да го врати Законот назад на повторно гласање.

 

 

Поради ваквата долга постапка на ратификација, неизвесно е дали властите ќе успеат да го верификуваат договорот пред Советот на Европската унија кој е закажан за 28 и 29 јуни, а на кој се одлучува дали Македонија треба да добие датум за отпочнување на преговорите.

Извор:НоваТВ/