Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и партијата нема да поддржи уставни измени за промена на уставното име, а в недела ќе организира протстен марш, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по вечерашната седница на Извршниот комитет.

Како што рече Мицкоски ИК едногласно заклучил дека станува збор за решение кое е комплетно спротивно на државните и националните интереси на Република Македонија, кое само по себе е капитулација.

– Досега не постои меѓународен договор кој се ратификува од едната страна, а не се ратификува истовремено од другата страна. Самото тоа го носи вториот заклучок, а тоа е дека ние ќе преземеме обврски, а каква обврска презема Грција и која е мерката доколку Грција не ја реализира сопствената одлука. Третата дилема која ја отворам пред јавноста во Македонија е како Владата презема обврска да изгласа договор во Собранието на РМ со просто мнозинство, а се обврзува да направи системски измени односно уставни измени со двотретинско мнозинство, рече Мицкоски нагласувајќи дека сам по себе договорот е противуставен.

Тој информираше дека ВМРО-ДПМНЕ планира партискиот роденден в недела. Додаде дека на партискиот роденден во Битола партијата ќе одржи протестен марш, на кој ги повика сите граѓани кои, како што рече, имаат идентичен став како ВМРО-ДПМНЕ и кои сакаат да застанат на патот на погрешните политики што ги презема Владата.

На новинарско прашање за денешниот гест на бугарскиот премиер Бојко Борисов кон претседателот Ѓорге Иванов, Мицкоски рече дека очекувал малку поинакво однесување од државник на соседна држава, која треба да биде пример за соседите во регионот и која треба да ги учи сите како треба да се однесуваме.

– Ова што го направи денеска бугарскиот премиер, јас го прочитав од медиумите, го осудувам и не претставува позитивен пример и не е во насока на подобрување на меѓусоседските и меѓудржавните односи. Претседателот на државата на покана на неговиот колега е во соседна Бугарија и нормално е дека како и секој пристоен домаќин пристојно да се однесува кон гостите, кои ги поканил вашиот претседател, рече Мицкоски.

Во однос на интепрелацијата на Владата во соседна Грција и размислувањата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за такво нешто во државава, Мицкоски рече дека дополнително ќе информираат за сите чекори и потсети дека партијата неодамна покренала прашање за доверба на Владата на премиерот Зоран Заев.

– Како што лиферуваа грчките медиуми Нова демократија во Грција покренала прашање за доверба на Владата на Алексис Цирпас, така што тоа е нивен интерен проблем и се надевам дека ќе донесат решение, кое ќе одговара на грчките внатрешни политички прилики, рече Мицкоски.

Извор:НоваТВ