Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, ја продолжува својата работна посета на Брисел, каде заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров ќе учествуваат на Четиринаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Македонија и Европската Унија.

На состанокот се очекува да бидат разгледани темите за односите меѓу Република Македонија и Европската Унија во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, подготовките и предизвиците кои произлегуваат од временската рамка за почеток на преговорите, која неодамна ја усвои Советот на ЕУ, како и останатите теми поврзани со европските интеграции на земјава.

 

 

На состанокот, делегацијата на ЕУ ќе ја предводат високата претставничка на ЕУ и потпретседателката на Европската Комисија, Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, а по завршување на состанокот планирано е одржување и на заедничка прес конференција.

извор: Makfax

MD