Условувањата на ВМРО-ДПМНЕ за составот на ДИК, според премиерот Зоран Заев, се тинејџерско однесување на опозицијата. Според Заев и покрај ставот на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот, ДИК мора да биде функционална.

Предлог-законот за финансирање на политичките партии кој е исто така еден од условите на опозицијата за деблокирање на формирањето на ДИК, доби зелено светло. Опозицијата и владата се согласиле за неговиот модел и тој, според Заев е веќе предаден и во собраниска процедура. Меѓутоа, пречка останува Законот за Владата. Имено, освен условот за технички премиер на 100 дена пред избори, опозицијата бара министри и заменици-министри  со право на вето. ВМРО всушност го бара тоа што го имаше и СДСМ кога социјалдемократите беа во опозиција. Но, Заев не прифаќа.

Државната изборна комисија е испразнета од декември минатата година, по оставката на членовите и претседателот на ова тело поради морални причини врз основа на скандалот што го обелодени американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли. Оттогаш, опозицијата и властите формираа работни групи за да го хармонизираат составот, при што партиите се согласија да го вратат стариот модел на ДИК, односно без експерти во составот.

И покрај тоа што започна постапката за новиот состав и веќе е завршен конкурсот за членови, судбината на ДИК е блокирана во собраниската Комисија за избори и именувања со која претседава Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Неофицијално, меѓу условите за свикување на седница за ДИК е и амнестија за обвинетите функционери на  ВМРО-ДПМНЕ за насилството во Собранието.

извор: Alsat-m

MD