Никола Груевски, обвинет за поттикнување на нередите во Општина Центар, во 2013 година, и на денешното судско рочиште доцнеше повеќе од 15 минути. Всушност, неговото појавување како да беше условено од еден друг обид за одложување на судењето, а на што реагираа од Специјалното јавно обвинителство со забелешка дека Груевски чекал да види дали ќе се одржи рочиштето, за да знае дали да влегува во судница или не.

„Ова е континуирано доцнење на обвинетиот и затоа дека не е во ред сите да го чекаме обвинетиот Груевски!“ – рече обвинителката Фатиме Фетаи.

Специјалната јавна обвинителка Фетаи го опомена судот дека поминале пет минути од стартот на судење и даде предлог тој да биде приведен. Инаку, на денешното продолжение на судењето за „шамарите во Општина Центар“, во својство на сведоци се појавија двајца поранешни советници кои биле очевидци на јунските настани.

Јован Тагасовски посведочи дека толпата која критичниот ден се насобрала пред Општината излегла со тврдење дека советниците на СДСМ наводно ќе гласале за уривање на црква, но кога тој ги прашал која црква требало да се урива, никој од нив не знаел да му одговори.

Сведокот кажа дека на секој искажан збор од тогашниот претседател на Советот на општината, советниците на ВМРО-ДПМНЕ реагирале со гласно тропање. Тие биле гаѓани со јајца и со шишиња, а на една советничка и било повредно едното око.

Дека советничка била повредена потврди и сведокот Дарко Атанасовски, а на прашање дали во судинцата може да препознае некој од учесниците во насилствата, тој одговори потврдно и посочи неколкумина од сега обвинетите. Атанасовски кажа дека на седницата на Општината требало да се разгледува Деталниот урбанистички план за таканаречниот „Мал ринг“, но дека не било предвидено никакво уривање на црквата „Свети Константин и Елена“.

Судењето продолжува на крајот на следниот месец. Меѓу обвинетите за поттикнување, за предмет наречен „шамари во Општина Центар“, освен Никола Груевски, обвинети се и екс министерот, Миле Јанакиески и тогашната советничка, Даниела Рангелова.

извор: 24mk

MD