Еврокомесарот за надворешна политика, Федерика Могерини, и денеска високо ги опцени постигнувањата на македонските власти во однос на евро-интеграциските процеси. Како што рече, земјата денеска е во многу поповолна ситуација од пред еден месец.

„Сетете се каде бевме на 13 јуни. Договорот се уште не беше потпишан, поканата се уште не беше доставена и одлуката на советот за започнување на преговорите се уште немаше јасен датум. За помалку од еден месец, Македонија е во многу поразлична позиција, мислам позитивно“, посочи Могерини.

Комесарот  за проширување  Јоханес Хан, најави дека утврдувањето на затекнатите состојби ќе почне уште следната недела, што според него е докза дека Македонија е блиску до посакуваната цел. Според Хан, скринингот не е ништо друго освен база за почеток на преговори.

„Скринингот значи дека ќе се анализира состојбата на земјата, особено од аспект на владеење на правото како и поглавјата 23 и 24, за да видиме до каде е земјата кога станува збор за фундаментални прашања во однос на владеењето на правото. Бидејќи треба да знаеме каде е земјата од тој аспект“, истакна Хан.

Поканата од НАТО и ЕУ, според вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, ја покажува решеноста на властите во Скопје за интеграција во евро-атланските структури, што претставува пресвртница од пред една година кога се правеа напори за извлекување на земјата од криза.

„Благодарение на постигнувањата минатата година, сега зборуваме за почеток на скрининг процесот, за формирање преговарачки групи и за подготовка на ЕУ и земјава за почеток на преговорите следната година“, изјави Османи.

Следен предизвик за дипломатијата, според Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ќе биде придобивањето на земји како Франција и Холандоија, кои покажаа резервираност за проширување на ЕУ кон Балканот.

„Ние сме симпатизери на холандскиот начин – стриктно и фер. Ние би сакале да започнеме, сакаме да го започнеме процесот за членство, токму поради тоа што преставува алатка за реформи. Тоа ќе го направиме за да се тестира кредибилноста на сите земји-членки. Ќе биде јасно и мислам дека продолжува да станува се појасно дека доколку Македонија не е дел од тие земји во преговорите за членство, тогаш има многу тенденции, а не објективни проценки како што треба“, додаде Димитров.

Пораката од Советот за стабилизација и асоцијација до граѓаните во Македонија е да ги препознаат придобивките од решавањето на спорот за името и да се ангажираат за ратификација и спроведување на договорот со Грција.

извор:Tv21

MD