Седумнаесет години од Охридскиот рамковен договор

0
118

На 13 август пред седумнаесет години беше потпишан Рамковниот договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во Република Македонија, во 2001 година.

Документот по повеќедневно услогласување во Охрид, во Скопје го потпишаа тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски и лидерите на СДСМ Бранко Црвенковски, на ДПА Арбен Џафери и на ПДП Имер Имери.

Во својство на гаранти, документот кој е познат и како Охридски договор, го потпишаа и специјалните претставници на ЕУ и на САД Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.

Охридскиот договор ја ужива поддршката од Меѓународната заедница и од поголем дел од партиите од македонскиот и албанскиот политички блок, како единствена рамка за развој на државата.

Основните принципи на Рамковниот договор

Целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели. Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија.

-Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања.

-Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот.

-Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат.

-Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците.

По имплементацијата на Охридскиот раковен договор донесени се повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.

Собранието на Република Македонија во март годинава со 64 гласа „за“, без против и воздржани го донесе Законот за јазиците, без амандманска расправа. За Законот гласаа и пратениците од немнозинските заедници кои со 24 гласа го донесоа Законот.

Со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, (албански јазик)

Охридскиот рамковен договор може да го погледнете тука.

Извор:НоваТВ