Серија земјотреси со помал интензитет се регистрирани во североисточниот дел на Албанија за само неколку часа, по вчерашниот во 17:38 часот кој беше со јачина од 5,1 степен според Рихтер.

Според Олгерт Ѓузи од албанскиот Институтот за сеизмологија, по земјотресот, чиј епицентар беше во близина на градот Булќиза, регистрирани се дури 15 потреси со јачина од два до 3,4 степени, што како вели, е добар знак дека не се очекува друг посилен потрес.

– Сеизмолошката национална мрежа регистира серија земјотреси. Главниот потрес беше во 17:38 часот со епицентар на 10 километри северно од Булќиза. Земјотресите со ваква јачина секогаш се придружени со последователни послаби потреси. За еден час регистрирани се 15 потреси, изјави Ѓузи.

Рударското гратче Булќиза се наоѓа во близина на албанско-македонската граница кај Дебар, поточно на оддалеченост од триесеттина километри. Поради близината, жителите на Дебар и најсилно го почувствуваа земјотресот, со интензитет од четири степени според Рихтер, што предизвика голема вознемиреност меѓу жителите.

Првичните информации кои ги соопшти министерството за одбрана на Албанија се дека од земјотресот оштетени се 67 куќи, од нив 47 во општина Булќиза, дел од нив во областа Голо Брдо, 12 во општина Клос и осум во општина Мат. Главно станува збор за испукани ѕидови.

Од потресот откорнат е дел од карпа кој паднал на патниот правец Валбона-Бајрам Цури, при што дел од камењата паднале врз задниот дел на возило „Ланд Ровер“, поради што се превртило неколкупати. Во возилото биле четворица косовски државјани, двајца мажи и две жени, кои за среќа се здобиле само со полесни повреди и веднаш биле транспортирани за Косово.

Инаку, од 4 јули кога беше регистриран првиот потрес, во близина на Драч, со јачина од 5,1 степен според Рихтер, во Албанија се регистрирани околу 950 земјотреси.

Извор:НоваТВ